• четврток, 26 декември 2024

Две лица под истрага за разбојничка кражба

Две лица под истрага за разбојничка кражба
Скопје, 16 мај 2020 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, од кои едното е осомничено за кривичните дела „разбојништво“ од член 237 став 1 и „разбојничка кражба“ од член 238 став 1 од Кривичниот законик, а другото е осомничено за помагање при извршувањето на „разбојничката кражба“. Имено, како што информира скопското ОЈО, осомничениот на 11 мај во влезот на станбена зграда на улицата „Радика“ во Скопје се заканил дека „ќе нападне врз животот и телото на една оштетена“ и одзел ранец во кој се наоѓале пари, картички, лични документи и други предмети во вкупна вредност од 26.600 денари. - Откако оштетената влегла во влезот на зградата, осомничениот ја следел и двајцата започнале да се движат нагоре по скалите. Во еден момент тој и се доближил и извадил пиштол-играчка, па побарал да му ги даде сите предмети кои оштетената ги имала со себе. Потоа побарал оштетената да му ги даде и клучевите од нејзиниот стан и автомобил, на што таа прво се спротивставила. Откако повторно и се заканил со пиштолот-играчка таа му ги дала клучевите и тој заминал во непознат правец, се додава во соопштението. На 15 мај во влезот на станбена зграда на улицата „Варшавска“, првоосомничениот помогнат од второосомничената, одзел мобилен телефон од една оштетена. - Кога оштетената влегла во влезот од зградата забележала дека лифтот се сервисира. Во тој момент во влезот влегле осомничените, при што второосомничената и понудила на оштетената првоосомничениот да и помогне и да и ја качи количката до катот каде што живее. Оштетената ја прифатила понудата и се качиле на третиот кат. Кога оштетената започнала да ја отклучува вратата од станот забележала дека и го нема мобилниот телефон кој се наоѓал во количката и веднаш се упатила кон осомничениот кој тргнал да си оди, барајќи да и го врати телефонот. Тој започнал да ја турка и да ја удира во ѕидовите од влезот, а во еден момент извадил пиштол-играчка и се заканил дека ќе ги убие и оштетената и нејзината малолетна ќерка која оштетената постојано ја држела во рацете, се наведува во соопштението. Според ОЈО, по ова тој побарал да ја отвори влезната врата од станот и да му ги даде сите предмети кои што се вредни, но оштетената се спротивставила и започнала да вика и тогаш излегле соседите од нејзиниот кат, по што осомничениот избегал од местото. - Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот 40-годишник, како и предлог за определување мерка куќен притвор за второосомничената на возраст од 41 година, се додава во соопштението.​ сп/

Остани поврзан