• четврток, 26 декември 2024

Две лица направиле повеќе кривични дела при обид да препродадат поголема количина марихуана

Две лица направиле повеќе кривични дела при обид да препродадат поголема количина марихуана
Скопје, 21 март 2021 (МИА) - Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 23 и 41 година, а надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор. За првиот, жител на струшкото село Ливада, постои основано сомнение дека сторил кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, како и „предизвикување општа опасност“. Вториот, жител на кичевско Зајас, е осомничен дека ги сторил кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“, како и „фалсификување исправа“. Како што информира ОЈО, во текот на месецов двајцата заедно неовластено набавиле наркотична дрога – марихуана со вкупна нето маса од околу 180 килограми, спакувана во 7 торби во кои имало 180 најлонски пакувања. Дрогата наменета за продажба неовластено ја држеле на неутврдено место, па на 20 март, со автомобил со струшки регистарски ознаки ја пренеле од Скопје во селото Манастирец, Росоман каде биле откриени од полициски службеници. -Откако полицајците му дале јасни и недвосмислени светлосни и звучни знаци да застане со автомобилот, првиот осомничен не ја почитувал наредбата и продолжил да се движи, оштетил три службени возила на МВР и значително го загрозил животот на полициските службеници кои ги издавале наредбите за застанување. Вториот осомничен, пак, без дозвола набавил и кај себе држел огнено оружје – пиштол марка „Парабелум“ со калибар од 9 мм, како и рамка со 10 куршуми за тој пиштол. Исто така, преправил вистинска јавна исправа – полициска службена легитимација на друго име, на која ставил своја фотографија со намера да ја прикаже како вистинска. На критичниот ден, на полициските службеници кои ги запреле тој лажно им се претставил како полициски инспектор, при што ја употребил фалсификуваната службена легитимација, соопшти ОЈО. Поради опасност од бегство, можност да влијаат врз постапката и да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.​ вј/скс/

Остани поврзан