• четврток, 26 декември 2024

Две изложби и пролетно матине во Музејот на современа уметност

Две изложби и пролетно матине во Музејот на современа уметност

Скопје, 13 април 2024 (МИА) - Во Музејот на современата уметност – Скопје денеска ќе се одржи МСУ водич и матине дружење со диџеј сет на Дарко Јорданов. Со кустос водич Бојана Јанева ќе може се погледнат двете новоотворени изложби: „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“ и самостојна изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“.

Куратори на изложбите се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. Поставката проследува хронологија на настаните почнувајќи од 1963 година како нулта точка, преку формирањето на институцијата во 1964 година, изградбата и отворањето на Музејот во 1970 година, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници. Таа е обид, преку мапирање на бројните настани и нивниот визуелен комуникациски аспект да се даде поттик во размислувањата за важноста на МСУ-Скопје во процесот на проектирање и оформување на сликата за современоста.

На изложбата покрај прегледот на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, претставен е и избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје, меѓу кои оние на Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат...

Кураторка на самостојната изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“ е Ивана Васева. Холандскиот уметник е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“.

Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност - Скопје е видео студијата „Пропаганден театар“ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата. Ставот на уметникот е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности. Според Стал, пропагандистите немаат интерес да работат во рамки на постоечката реалност, туку сакаат да создаваат нови светови.

Како пропратен настан во 13 часот ќе започне Матине со диџеј сет и да се сумираат впечатоците од изложбите. ев/мд/

ФОТО: МСУ 

 

Остани поврзан