• четврток, 26 декември 2024

Две изложби во МКЦ во рамки на Бела Ноќ 2023

Две изложби во МКЦ во рамки на Бела Ноќ 2023

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) - Во рамките на настанот Бела Ноќ 2023, во ЈУ Младински културен центар ќе бидат отворени две ликовни изложби со наслов „MALEFICIUM VISÜA“, на уметникот под псевдонимот NCHRONAX и изложбата „TO EXCITER”, на уметникот Лука Кекиќ.

-„MALEFICIUM VISÜA“ Акт I претставува краток визуелен приказ, фузија на 3Д анимација и филм. Инсталацијата се занимава со создавање на нов свет и експлорација на научно фантастичните опкружувања во универзумот на NCHRONAX. Уметникот под псевдонимот NCHRONAX е роден во Скопје, 2002. Тој е визуелен артист кој ја проучува тематиката на научната фантастика. Во неговите творештва тој вметнува елементи од разни уметнички периоди низ историјата. Претежно прави фузија на научната фантастика и ренесансата, давајќи неконвенционален изглед и визуелна провокативност на неговите дела, информираат од МКЦ.

„TO EXCITER“ е проект на дигитална фотографија од Лука Кекиќ, кој ја симболизира неговата потреба за нова перспектива и неговото истражување на актуелниот свет. Изложбата е составена од фотографии чии визуелен стил е концентриран околу улична фотографија и флорална фотографија, во негативни и термички ефекти.

Лука Кекиќ е 22-годишен аматер фотограф и љубител на визуелните уметности. Неговиот визуелен стил се развива додека црпи инспирација од неразвиениот аналоген филм во негатив. Тој го развива својот визуелно невообичаен стил на фотографирање, инкорпорирајќи негативни и термички ефекти во неговата работа. Кекиќ досега имал три индивидуални изложби на дигитална фотографија.

Изложбата е дел од програмата Бела Ноќ. Отворањето е закажано на 30 септември (сабота) во 20 часот во Галеријата 2 на МКЦ. Настанот е дел од програмата „Скопје – Европска престолнина на културата” 2028. дма/са/

 

Фото: МКЦ

Остани поврзан