• четврток, 19 декември 2024

Два проекта за подобро водоснабдување и нов училишен објект во Тетово со средствата од владиниот заем од Унгарија

Два проекта за подобро водоснабдување и нов училишен објект во Тетово со средствата од владиниот заем од Унгарија

Тетово, 18 октомври 2024 (МИА) -  Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами одржа прес-конференција на која информираше за кои проекти ќе се користат средствата кои Владата во висина од 500 милиони евра ги позајми од Унгарија и ги дели на локалните самоуправи. Касами рече дека согласно индикаторот глава на жител на Општина Тетово и се предвидени 3,8 милиони евра.

-Истите се предвидени за изградба на два проекти во подобрување на снабдувањето со вода односно изградба на нов цевковод од Попова Шапка до резервоарот над Тетово и вториот проект е за мрежа за снабдување со вода во населбата Вонвардарска.  Третиот проект е за изградба на нов училиштен објект за средното текстилно училиште, информираше Касами.

Според објаснувањето на Касами, најголем приоритет бил објект за училиштето, за што се потребни пет милиони евра. Во договор со Владата е одлучено сега да се издвојат 2,5 милиони евра, а остатокот од средства предвидени за наредна година.

За поставување на нов цевковод што ја носи водата од планинските извори близу Попова Шапка до Тетово било одлучено поради загубата на количините вода и дотраеноста на тој систем утврдени во студија.  

-Тој цевковод е стар, од кога постои системот за водоснбдувањето и во студијата за водоснабдувањето имавме заклучок дека треба да има нов цевковод до резервоарот. Има заклучок дека треба да се инвестира и во резервоарот и во системот на хлорирање, во делот на подобрување на дистрибутивната мрежа и водомери. Вонвардарска е нова населба, редовно има проблеми не е доволен тој систем што постои, затоа се прави нова мрежа, истакна Касами.

Според градоначалникот со Програмата за развој на Обединетите Нации-УНДП ќе се работи на проект кај новиот водоснабдителен систем од Лешница поради потреба да се уреди свлечиште на земја.

-Распределени се и две дозволи за градба, за реконструкција на стадионот и за улицата „Борис Кидрич“, информираше Касами за дополнителните активности.

На новинарско прашање што ќе се прави со стариот градски стадион, Касами рече дека можна е продажба на земјиштето со цел да се прават згради, а средствата да се користат за обнова на поголемиот стадион.

-Во таков случај ќе има терен со природна трева на Спортскиот центар. Но ако успееме да обезбедиме средства дали од Владата дали од други извори тогаш ќе видиме за која намена ќе го користиме тој дел, рече Касами.

Тетовскиот градоначалник додаде дека со сопствени средства Општината интервенирала во нов цевковод преку реката Пена со цел подобрување на водоснабдувањето за населбите од повисоките населби како Колтук и Два бреста. ас/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан