• сабота, 23 ноември 2024

Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице оддавале службени тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“

Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице оддавале службени тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Двајца пензионирани полицајци и уште едно лице поради оддавање службени тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“ се лишени од слобода и против нив е донесена наредба за спроведување на истражна постапка, соопшти денеска Јавното обвинителство.

-Јавен обвинител од ОЈО ГОКК ноќеска ја координираше акцијата на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР во која три лица се лишени од слобода и против кои е донесена наредба за спроведување на истражна постапка. Осомничените во периодот од декември 2019 година до март 2021 година извршиле кривично дело Злосторничко здружување и продолжено кривично дело Оддавање на службена тајна, дополнително прво и третоосомничениот сториле и кривично дело Попречување на правдата, а на првоосомничениот му се става на товар и кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Осомничените, како што се посочува во соопштението, од користољубие, се поврзале со организираната криминална група „Дуќанџик“ од село Грчец и како припадници со посебна улога, поттикнати со умисла од првосомничениот во предметот „Грчец“, пренесувале службени информации.

Како што посочуваат од Обвинителството, во наведениот период осомничените од кои двајца поранешни главни инспектори за имотни деликти, односно недозволена трговија со дрога, преку третоосомничениот за криминалната група прибавувале, пренесувале и споделувале информации за постапки што се од значење за јавната безбедност, како и за безбедносни и разузнавачки активности на државните органи. За ваквото неовластено откривање со кое предизвикале штета во работењето и ефикасноста на истражните органи и органите на прогонот и го отежнувале или оневозможувале обезбедувањето на доказите, осомничените добивале награда.

-Според содржината на наредбата за истрага осомничените, заедно или поединечно, со информациите што ги споделувале, го отежнале докажувањето во кривичните постапки за кривично-правен настан случен во декември 2019 година, секој посебно заканувајќи се дека повторно ќе биде нападнат тој или членовите на неговото семејство, влијаеле врз оштетен – жртва на обид за Убиство по нарачка, а сега починат, да ја смени изјавата дадена пред овластени полициски службеници; за Убиство во месец август 2020 година осомничените споделиле значајни информации за криминалната група; во текот на втората половина од 2020 година осомничените споделувале службени информации за примена на посебни истражни мерки за тогаш актуелно криминалистичко истражување под кодно име „Планина“ во кое беа опфатени лица од оваа организирана група; за кривично – правен настан случен во септември 2020 година во кој петмина беа осомничени за кривично дело Грабнување биле пренесени информаци за обезбедените докази и изјави на сведоции задржани лица, како и за двојното убиство од март 2021 година во Скопје за кое биле пренесени информации кој е задржан во полициска станица, кои активности се преземаат и кои службени лица се вклучени во криминалистичкото истражување, се наведува во соопштението.

Според Обвинителството, првично обезбедените материјални докази за првоосомничениот упатуваат дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат недвижен и движен имот и штедни влогови, што во големи размери ги надминуваат неговите законски приходи како полициски службеник.

-Осомничените денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје на кој јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите ќе му предложи да им биде определена мерката притвор, се наведува во соопштението. дма/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан