• четврток, 19 декември 2024

Двајца мртви и 20 повредени во Либерија - автомобил влетал во толпа приврзаници на новиот претседател

Двајца мртви и 20 повредени во Либерија - автомобил влетал во толпа приврзаници на новиот претседател

Монровија, 21 ноември 2023 (МИА) - Најмалку две лица загинаа, а многу се повредени откако возач синоќа со својот автомобил влетал во приврзаниците на Џозеф Боакаи, само неколку часа откако тој беше прогласен за победник на претседателските избори во Либерија, соопштија болнички, полициски и политички извори.

Полицискиот службеник не ја кажал причината за несреќата, пренесоа француските медиуми.

Портпаролот на партијата на Боакаи кажа дека не се сомнева дека чинот бил намерен. Возачот побегнал, изјави службеникот.

-Две лица загинаа, а едно е во критична состојба, изјави ноќеска Сиа Вата Каманор од болничкиот центар „Џон Ф. Кенеди“ во Монровија во текот на ноќта.

Дваесет лица се повредени, додаде таа.

Инцидентот се случи истата вечер кога Националната изборна комисија ја објави тесната победа на Џозеф Боакаи над актуелниот претседател Џорџ Веа, во вториот круг од претседателските избори, што беа одржани на 14 ноември, 

Во земјата постоеше стравување од избивање немири по објавувањето на резултатите од изборите, кои поминаа во мирна атмосфера и беа пофалени од странските партнери на Либерија, која во 2003 година излезе од долгите години на граѓанска војна.

Поддржувачите на Боакаи, синоќа, меѓу 21 и 22 часот по локално време, ја прославуваа победата пред просториите на партијата во центарот на главниот град, кога возило паркирано недалеку од групата прво блендувало со светлата, а потоа ги исклучило и удрило во групата, изјави, врз основа на сведоштва на присутни,  портпаролот на Партијата заедништво, Мохамед Али.

На видеа споделени на социјалните мрежи се гледаат многу луѓе на земја облеани во крв, додека некои добиваат помош, а други лежат неподвижни.

Полицискиот службеник Мелвин Сацко изјави дека возилото удрило во луѓето и се запалило, не наведувајќи го точниот број на жртвите. Тој само потврди дека во болничкиот центар се примени најмалку 16 лица, 12 мажи и четири жени. сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан