• четврток, 26 декември 2024

Двајца загинати во пожарот во северниот дел на грчкиот остров Пелопонез

Двајца загинати во пожарот во северниот дел на грчкиот остров Пелопонез

Атина, 30 септември 2024 (МИА) – Две лица го загубија животот во големиот пожар во северниот дел на грчкиот полуостров Пелопонез во близина на градот Ксилокастро, а противпожарните сили цела ноќ се бореа со огнените јазици, додека утрово ситуацијата е подобрена, јави дописничката на МИА од Атина.

Доцна синоќа им се загубила трагата на двајца мажи на возраст од 35 и 40 години, кои, според грчките медиуми, тргнале да помогнат во пожарот, а рано утрово биле пронајдени две јагленосани тела и веројатно се работи за исчезнатите, меѓутоа ќе следи и процес на идентификување.

Пожарот избувна вчера во близина на Ксилокастро, а поради силниот ветер брзо се прошири и зазеде големи размери.

Од бројот 112 за итни случаи беа испратени низа пораки до жителите за евакуација на најмалку пет села што се во близина на пожарот.

Интервенираат над 300 пожарникари со 15 пешадиски тима, 110 возила, како и пет авиони и четири хеликоптери, а помагаат и волонтери и цистерни од општините.

Префектот на Пелопонез Димитрис Птохос за „Катимерини“ рече дека станува збор за пожар кој брзо излезе од контрола поради многу силниот ветер, додека пак денеска интензитетот на ветерот е намален и гаснењето продолжува.

- Изгоре голема површина шума, но во моментов не можеме да ја процениме во хектари. Исто така изгореа и некои викендички, дополнително ќе се пребројуваат, истакна префектот. ср/мс/

Остани поврзан