• четврток, 26 декември 2024

Двајцата паланчани дел од државниот спасувачки тим на ДЗС на прием кај градоначалникот на Крива Паланка

Двајцата паланчани дел од државниот спасувачки тим на ДЗС на прием кај градоначалникот на Крива Паланка

Крива Паланка, 16 февруари 2023 (МИА) - Двајцата паланчани, кои беа дел од Македонскиот спасувачки тим на Дирекцијата за заштита и спасување за извлекување од урнатини по катастрофалниот земјотрес што ги зафати Турција и Сирија, денеска беа на прием кај градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

- Недоволно се зборови за нивната храбра и беспоштедна мисија, а мене ми е чест што се наши сограѓани, Зоран Павловски и Мирослав Ивановски, припадници на Меѓународниот тим за брз одговор на ДЗС. Хумани и посветени во работата, денеска се тука по долгиот пат од 2.200 километри и седумдневната спасувачка мисија за  пребарување по евентуални преживеани од под урнатините, а во знак на почит и благодарност до нив, Советот на Општина Крива Паланка ќе додели и парична награда за двајцата, по 18.000 денари, рече Митовски.

Горди сме, додаде тој, на целиот тим од нашата држава кој успеа да извлече една преживеана жена од под урнатините во Адијаман,Турција, близу сириската граница.

- Ние сме дел од тимот што на ниво на држава има повеќе единици, а јас конкретно, членовите од Крива Паланка и Пробиштип, ја сочинуваат единицата за извлекување од урнатини, составена од рудари, рударски инженери од двата града и вработени во ДЗС. Овој тим дејствува веќе 13 години и сме учествувале на повеќе меѓународни вежби и спасувачки акции. Тимот од Северна Македонија од 7 до 14 февруари учествуваше во мисијата во најпогодените подрачја, Адијаман и Газиантеп во Турција, близу до сириската граница и верувајте, се соочивме со грозоморни сцени, дури и до двесте починати во една зграда, а за среќа, успеавме и да извлечеме една преживеана жена од под урнатините, информираше Зоран Павловски, заменик координатор на тимот, вработен во ПЕ на ДЗС, Крива Паланка.

Зоран Павловски е вработен во Дирекција за заштита и спасување - ДЗС, а Мирослав Ивановски во рудникот „Тораница“. ид/бд/

Остани поврзан