• четврток, 26 декември 2024

Дваесет садници од „Еко-свест“ во Градски парк - енергетската криза да биде мотив за енергетска транзиција кон обновливи извори

Дваесет садници од „Еко-свест“ во Градски парк - енергетската криза да биде мотив за енергетска транзиција кон обновливи извори
Скопје, 15 ноември 2022 (МИА) - Урбаното зеленило има важна улога во прочистувањето на воздухот, особено во ова време од годината, поради местоположбата на главниот град, но и засилената урбанизација, а сега дополнително и заради енегргетската криза. Зеленилото трбеба да се чува, негува и проширува секаде каде е возможно, вклучувајќи ги и нашите домови, изјави денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на настанот за садење на 20 дрвца донација од Еко-свест, по повод 20 години од нивната работа. Министерот упати апел до граѓаните и сите институции, како и приватниот сектор да бидеме посвесни и одговорни покажувајќи способност за прилагодување. - Да правиме паметни избори не само во начинот на затоплување, бирајќи поеколошки, поефикасни огревни материјали, туку и во рационалната употреба на возилата и правилно положување на отпадот како клучни фактори во загадувањето, бидејќи на крајот од денот сите го дишеме истиот воздух. Правото на чиста и здрава животна средина е наше право, но и обврска на секој од нас кон средината во која живее, нагласи Нуредини. Заменик-амбасадорката на Шведска во земјава Биби Грамсон нагласи дека справувањето со аерозагадувањето треба да биде приоритет и во иднина и посочи дека Шведска ја поддржуа Северна Македонија преку фондовите со цел да се постигне намалување на аерозагадувањето, како и да се воведат сериозни иновативи солуции преку кои аерозагадувањето системски ќе почне да се намалува. - Со доаѓањето на зимата, загадувањето во Скопје и државата се зголемува и затоа сите треба да бидеме свесни и да преземеме соодветни акции. Сите чинители, граѓанските организации, властите и ние сите како граѓани треба да преземеме заеднички акции. Заедно можеме да направиме сериозни акции со кои ќе им се обезбеди на граѓаните да имаат здрава и подобра иднина за следните генерации, рече Грамсон. Извршната директорка на „Еко-свест“ Ана Чоловиќ Лешоска од своја страна смета дека треба да ја искористиме енергетската криза како  мотив и поттик да направиме многу повеќе во енергетската транзиција, односно транзицијата на целото општество кон еколошки начин на функционирање. - Енергетската криза во која се наоѓаме не треба да биде изговор да не преземаме вакви храбри акции, зборувам и на национално ниво. Сето она што се случува во секојдневието и не враќа наназад треба да го ставиме зад нас, односно треба да ја искористиме енергетската криза како еден мотив и поттик да направиме многу повеќе во енергетската транзиција односно транзицијата на целото општество кон еколошки начин на фунцкионирање, нагласи Чоловиќ Лешоска. Со денешната акција, како што рече, сакаат да испратат порака до јавноста дека е неопходно сите да ги активираме нашите можности и да придонесеме кон заштита на животната средина и ублажување на климатските промени. Давор Пехчевски од „Еко-свест“ нагласи дека тие како невладина организација веќе 20 години бараат да се направи енергетска транзиција во нашата држава кон обновливи извори. - Во денешно време дури и за загревање на големи градови постојат технологии да се користат обновливи извори. Може да се користи сончева енергија, геотермална енергија, веќе има складирање на топлина како технологија, односно тоа што го собираме како топлина преку лето да го користиме преку зима. Ова се работи кои веќе и меѓународни развојни банки сакаат да ги финансираат и тоа е иднината, а не користење на дизел и мазут, рече Пехчевски. Прашан да даде проценка колку од домаќинствата ќе се префрлат на гориво што загадува, Пехчевски рече оти е тешко да се каже бидејќи такви податоци нема и не се следат. - Она што веќе го знаеме според Заводот за статистика околу 40 посто од нашето население живее на граница на сиромаштија пред добивање социјална помош и пензија. Што значи, ако се покачени цените на огревно дрво, пелети и други енергенси значи дека тие домаќинства ќе користат нешто што е полесно достапно и поевтино, смета Пехчевски. Во септември 2022 „Еко-свест“ славеше 20 години од постоењето, а по тој повод денеска во Градкиот парк беа засадени 20 дрвја донација од „Еко-свест“. мс/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан