• вторник, 20 јануари 2026

Дваесет и четиригодишниот Дарко Митровиќ го фати крстот во Скопје

Дваесет и четиригодишниот Дарко Митровиќ го фати крстот во Скопје

Скопје, 19 јануари 2026 (МИА) - Дваесет и четригодишниот Дарко Митровиќ од општина Центар, роден на 3 јули 2001 година,  денеска беше најсреќен и го извади светиот и животворен крст од водите на Вардар во рамки на централната манифестација за одбележување на празникот Водици во Скопје, што се одржа кај мостот „Слобода“ кај х. „Холидеј ин“.

null

Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан пред положувањето на крстот во Вардар истакна дека Богојавлението е празник на обновувањето, на можноста за запознавање со Бога.

- Како што вели Св. Климент Охридски ние треба да го слушнеме Христовиот глас, да се покаеме, просветлувајќи се со смирение, цветајќи со братољубие, приближувајќи се кон Бога со гостопримство, вознесувајќи се до небесата со постење и правејќи се синови божји со милостина, рече г. г. Стефан.

null

Поглаварот на МПЦ-ОА г. г. Стефан нагласи дека должноста на секој христијанин е преку честит и богоугоден живот да се подготвува за вечна заедница со Бога, од тука, како што рече, потребно е постојано да бдееме над своето срце, над мислите, зборовите и делата за благодатта што ни е дадена да остане плодотворна.

- Токму затоа особено денес не допираат зборовите кои штотуку ги испеавме - гласот Господов над водите повикува пријдете и примете го сите Духот на премудроста и разумот, Духот на Христа кој се јави. Овој повик е упатен до секој нас. Сите сме призвани да пристапиме, да вкусиме и да учествуваме во радоста на Богојавлението, во радоста на самиот Господ, потенцира г. г. Стефан.

null

Дарко Митровиќ на подарок доби осветена икона и Библија од г.г. Стефан, а икони доби и од градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Доби и ваучер со вредност од 15 илјади денари од компанијата „Зегин“.

Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

И годинава продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организираше традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.

null

Годинава имаше пријавено околу 160 граѓани, кои се обидоа да го фатат крстот што беше положен во реката Вардар. Пријавувањето за учеството на манифестацијата „Водици 2026“ беше од 3 до 16 јануари зад соборниот храм „Свети Климент Охридски“, во Митрополијата. 

null

Одбележувањето на празникот Богојавление почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде богослужеше поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан. 

По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка се упатија кон мостот „Слобода“ кај хотелот „Холидеј Ин“, каде почне „Водосветот“, а потоа во 12 часот поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан го спушти светиот и животворен крст во водите на Вардар. мд/лв/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан