• четврток, 26 декември 2024

Дваесет и две години од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила

Дваесет и две години од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила

Скопје, 10 август 2023 (МИА) - На повеќе локации во Скопје денеска ќе бидат одбележани 22 години од загинувањето на осуммината припадници на резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија, кај месноста Љуботенски Бачила.

Делегации на Армијата и на Министерството за одбрана предводени од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, цвеќе ќе положат пред спомен - обележјето на бранителот Томислав Настевски во Општината Ѓорче Петров, на споменикот на бранителите во село Волково и пред спомен - обележјата во село Љубанци.

Делегација од Министерството за одбрана и од Армијата која ќе ја предводи министерката за одбрана Славјанка Петровска ќе положат цвеќе на спомен обележјето во касарната „Илинден“. 

На 10 август 2001 година воено товарно возило на патот кај месноста Љуботенски Бачила нагази на мина при што животите ги загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата. вг/аа/

Фото: МИА Архива

 

 

 

Остани поврзан