Да Силва на КОП28: Немаме две планети Земји
- Ние немаме две планети Земји, рече бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва на климатската конференција КОП28 во Дубаи, нагласувајќи ја итната потреба за побрз напредок и заштита на „уникатните видови на човештвото“.
Дубаи, 1 декември 2023 (МИА) – Ние немаме две планети Земји, рече бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва на климатската конференција КОП28 во Дубаи, нагласувајќи ја итната потреба за побрз напредок и заштита на „уникатните видови на човештвото“.
Бразил, кој е дом на поголемиот дел од прашумите во Амазон, е подготвен да го води патот во заштитата на климата, рече тој.
Да Силва потенцира дека Бразил веќе значително го намалил уништувањето на шумите во Амазон и има за цел да го елиминира до 2030 година.
- Сепак, сè уште е далеку од постигнување на оваа цел, додаде тој.
Бразил ќе биде домаќин на Конференцијата на ОН за климата КОП30 во 2025 година и веќе инсистира на поамбициозен курс на дејствување во Дубаи, делумно затоа што и самиот страда од екстремни суши.
На самитот во Дубаи учествуваат претседатели, премиери, експерти, активисти и лобисти за фосилни горива.
Според ОН, овогодишните разговори за климата КОП28 организирани од Обединетите Арапски Емирати се најголеми досега со околу 97.000 регистрирани учесници.
Ова ја прави конференцијата во Дубаи речиси двојно поголема од минатата година во Египет, која беше домаќин на околу 50.000 учесници, пренесе ДПА. јт/
Фото: ДПА