• сабота, 23 ноември 2024

Дачиќ: Уапсени осомничени за обид за убиство на Лука Бојовиќ

Дачиќ: Уапсени осомничени за обид за убиство на Лука Бојовиќ

Белград, 5 ноември 2024 (МИА) - Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полициските службеници на Службата за организиран криминал на УКП вчера уапсиле четири лица, додека по едно лице интензивно се трага, за кое се сомничи дека е припадник на кавачкиот клан, кој следел и подготвувал убиство на Лука Бојовиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Полициски службеници на Службата за борба против организиран криминал на Управата за криминалистичка полиција по интензивна работа на територијата на град Белград попладнето уапсиле четири лица, додека во тек е интензивна потрага по едно лице за кое постои основано сомнение дека како членови на кавачкиот клан, вршеле следење и подготвувале убиство на Лука Бојовиќ, изјави Дачиќ. 

Како што се наведва во соопштението на српското МВР, при претрес на гаража во Нов Белград, пронајдено е едно возило кое требало да послужи за извршување на ликвидацијата, во чиј багажник при претресот биле пронајдени 10 пиштоли, еден борбен елек и поголема количина муниција.

По консултација со обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, на лицата им е одредено задржување, при што со понатамошна работа ќе се утврдува улогата на секое лице и со пријава ќе бидат приведени до надлежното обвинителство.

Лишени се од слобода Н. Б. (2004), Г. В. (2000), В. Р. (2004) и Н.Ѓ. (2000), рече министерот Дачиќ.

Лука Бојовиќ се врати во Србија во ноември 2022 година, откако отслужи повеќегодишна затворска казна во Шпанија, а оттогаш, во последните шест месеци, полицијата двапати успеа да го спречи неговото убиство.

Бојовиќ во 1995 година беше осуден на три месеци затвор за напад на полицаец, но никогаш не ја одлежа казната поради помилување.

Тој беше уапсен во 2012 година во Валенсија за убиството на Милан Јуришиќ Јуре, но беше ослободен од таа вина и покрај бројните докази.

Меѓутоа, во 2015 година беше осуден на 18 години затвор во Шпанија за фалсификување документи, злосторничко здружување и поседување оружје. Бојовиќ по отслужување на две третини од казната беше пуштен на условна слобода, а во Србија пристигна на 30 ноември 2022 година, каде што е слободен човек. об/паг/

Фото: МВР Србија



Остани поврзан