• вторник, 24 декември 2024

Дачиќ: Очекувам екстрадиција на Рамадани, но тоа е внатрешно прашање на Северна Македонија

Дачиќ: Очекувам екстрадиција на Рамадани, но тоа е внатрешно прашање на Северна Македонија

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, очекува македонските власти да го екстрадираат поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, но истакнувајќи притоа дека тоа е внатрешно прашање на Северна Македонија.

-По многу луѓе кои учествуваа во тие злосторства за време на војните имаше распишано потерници, тие се и уапсени врз основа на тие потерници. Ние очекуваме дека ќе биде донесена одлука за екстрадиција, но тоа е внатрешно прашање на Северна Македонија, одговори Дачиќ на прашањето дали добил одговор од македонската Влада дали ќе го екстрадираат поранешниот припадник на ОВК Рамадани.

МВР на 18-ти овој месец на граничниот премин Јажинце, на влез во државата го лиши од слобода Б.Р.(47) од Косово, затоа што при пасошка контрола и извршени проверки било констатирано дека во службената евиденција е со мерка „апси“, по барање на Интерпол Србија. Од косовското МНР потоа информираа станува збор за Блерим Рамадани, поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во оперативната зона Неродиме. Оттаму од македонските власти побараа негово ослободување. 

Ден по приведувањето, на 18 јули, Основниот кривичен суд Скопје, на барање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на Рамадани му определи екстрадициски притвор. Неколку дена подоцна, ветерани и членовите на семејството на поранешниот припадник на ОВК Рамадани, протестираа пред Основниот кривичен суд во Скопје и бараа негово ослободување.

На друго новинарско прашање дека косовските власти барале екстрадиција на Милан Радојчиќ, за којшто косовскиот премиер Албин Курти кажал дека Радојчиќ се подготвувал за нови нереди и дали Србија е подготвена да го екстрадира, Дачиќ одговори дека секој облик на комуникација се одвива преку ЕУЛЕКС.

-Не знам вие дали разбирате дека Србија не го признава Косово и тоа е апсолутно небулозно. Ние се што работиме, работиме со ЕУЛЕКС, и на таков начин баравме и добивавме информации врзани за сите тие процеси. Така што, никаква екстрадиција внатре во Србија не е возможна, а Србија е држава која во својот состав го има и Косово, така велат и Обединетите нации. Полициската соработка се одвива исклучиво преку ЕУЛЕКС, одговори Дачиќ. нд/ам/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан