• сабота, 23 ноември 2024

Дачиќ од Брисел: Реагирав на изјавата на Борел, треба да бидат коректни кон Србија

Дачиќ од Брисел: Реагирав на изјавата на Борел, треба да бидат коректни кон Србија

Белград, 22 мај 2023 (МИА) - Брзото и целосно спроведување на сите договори постигнати во дијалогот меѓу Белград и Приштина е единствениот пат за нормализирање, посочи високиот претставник на ЕУ, Жосеп Борел на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ со министрите на земјите од Западен Балкан, додека шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ побара да се биде фер кон Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Заедничката неформална средба на министрите за надворешни работи на регионот и на ЕУ беше момент за размена на мислења за најважните надворешнополитички и безбедносни теми и порака за силна поддршка за европската интеграција на Западен Балкан.

Како што соопшти РТС, една од главните пораки на значителен број земји-членки, адресирана пред сè до Србија, е усогласувањето со заедничката надворешна политика на ЕУ, а се зборуваше и за дијалогот меѓу Белград и Приштина.

- Ги поздравуваме потезите на оние кои се усогласија. На оние кои не се усогласија, а тука пред сè мислам на Србија, сакам да им порачам дека одржувањето блиски односи со Русија не е компатибилно со влезот во ЕУ. Тоа е штетно и за националните интереси на Србија, но секако е штетно и за пристапувањето во ЕУ, изјави Борел.

Ивица Дачиќ изјави дека реагирал на таа изјава и рекол дека треба да бидат коректни кон Србија во смисла дека Србија не е вредносно неутрална.

- Србија гласаше за сите резолуции на сите меѓународни форуми со кои се осудува кршењето на територијалниот интегритет на Украина. Од друга страна, таа не се приклучи кон санкциите, не верувајќи во исправноста на таквите мерки и водејќи се од нејзините национални и државни интереси, бидејќи се во прашање нашиот територијален интегритет и суверенитет, изјави Дачиќ за РТС.

Борел ја повторил пораката дека брзото и целосно спроведување на договорите постигнати во дијалогот е единствениот начин за нормализирање и продолжување на европскиот пат на Белград и Приштина. Тој предупреди дека тензиите и провокациите мора да престанат.

Ивица Дачиќ од своја страна кажал дека „денешниот настап на Приштина го покажал нивниот екстремен пристап и неподготвеност за компромиси“.

На одделниот состанок на европските министри за надворешни работи доминантна тема беше војната во Украина, на кој тие ја поддржаа иницијативата за воведување на единаесеттиот пакет санкции против Русија.

Овојпат пакетот мерки, кој се очекува да биде усвоен во јуни, би можел да влијае и на земјите за кои се смета дека учествуваат во заобиколувањето на санкциите против Москва. об/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан