• недела, 24 ноември 2024

Дачиќ: На повидок е нова криза, Приштина сака да ги избегне обврските

Дачиќ: На повидок е нова криза, Приштина сака да ги избегне обврските

Белград, 2 април 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, по седницата на Бирото за координација на безбедносните служби истакна дека безбедносната состојба на Косово е се потешка поради неодговорното однесување на Приштина, или како пто кажа, „главниот генератор на сите кризи во јужната српска покраина“.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, на посебна прес-конференција рече дека косовскиот премиер Албин Курти се обидува да најде простор да не се формира ЗСО и затоа му требаат кризи, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ ја повика меѓународната заедница да го запре премиерот Албин Курти и нагласи дека се повторува истата приказна и дека Приштина продолжува да ги уништува сите договори што беа постигнати, како оној за регистерските таблички, генерирајќи нови кризи и дестабилирајќи ја ситуацијата на Косово, а со тоа и во регионот.

-Ова е вистински показател за нивната јасна намера дека не сакаат мир и дека се обидуваат да ги избегнат обврските што ги презедоа меѓу другото и во Охрид. А првата обврска е формирањето на Заедница на српски општини (ЗСО). Во овој поглед, ова е уште еден показател за меѓународната заедница која мора сериозно да ги сфати нашите предупредувања и дека со апсењето и прогонот на Србите, кршејќи ги загарантираните права и слободи, тие создаваат нови кризи за да спречат нови договори кои би биле чекор понатаму во нормализирање на ситуацијата, рече Дачиќ.

Тој посочи дека ова се случува пред продолжувањето на дијалогот на 4 април во Брисел.

-Јасно е дека на повидок е старата ситуација и нова криза генерирана од Приштина. Ќе направиме се, како и досега, да го заштитиме мирот, да бидеме конструктивни, но постојаните провокации на Приштина создаваат атмосфера за се што се разговараше. Ова е всушност обид за бегство од формирањето на ЗСО, рече Дачиќ.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека властите во Приштина продолжуваат да ги малтретираат Србите. Тој изјави дека апсењето на Србите во Зубина Поток е „обид на Курти уште еднаш да предизвика хаос во четири општини на северот на Косово“.

-Според веќе утврдениот рецепт, како се однесува Приштина пред секое продолжение на дијалогот, имаме проблеми на терен. Курти не сака мир, Курти не сака дијалог и формирање на ЗСО, рече Петковиќ и додаде дека кризата повторно е на повидок во однос на табличките, што е трет пат да влегуваме во криза поради регистарските таблички.

Тој нагласи дека насилството и инцидентите се изразени особено во четири општини низ Косово, потсетувајќи на сите напади и апсења на Србите на северот, како и на последното апсење на Милован Божовиќ. Тој рече дека од доаѓањето на Курти на власт имало 309 инциденти.

На седницата на Бирото присуствуваа директорот на Безбедносно-информативната агенција Александар Вулин, директорот на Воено-безбедносната агенција генерал-мајор Ѓуро Јованиќ, заменик-директорот на Воената агенција за разузнавање полковник Дејан Пајиќ, министерот за одбрана Милош Вучевиќ, министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, како и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ и директорот на Канцеларијата на Советот за национална безбедност и заштита на тајните информации Горан Матиќ. об/сд/

Остани поврзан