• четврток, 26 декември 2024

Дачиќ: Наместо во омраза, Србија и Хрватска треба да се натпреваруваат во изградба на мир

Дачиќ: Наместо во омраза, Србија и Хрватска треба да се натпреваруваат во изградба на мир

Загреб, 6 јануари 2023 (МИА) – Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ денеска во Загреб изјави дека Србија и Хрватска треба да се натпреваруваат во изградба на мир и добри односи наместо во омраза и сите отворени прашања да се решаваат со дијалог.

Дачиќ присуствува на Божиќниот прием на Српското народно собрание (СНВ) во Хрватска. На настанот присуствуваат и членови на хрватската Влада.

– Моето доаѓање овде е силна порака за потребата да се разговара и да се редефинираат актуелните односи помеѓу Белград и Загреб. Не размислуваме исто за многу прашања, но мораме да разговараме и да се договориме. Затоа сме овде денеска, посочи Дачиќ.

Тој додаде дека обновувањето на конструктивниот дијалог меѓу Белград и Загреб на рамноправна основа, е „единствениот начин за решавање на отворените прашања кои продолжуваат да ги оптоваруваат“ односите меѓу двете земји.

– Србите и Хрватите имаат многу заеднички интереси. Без оглед што се случило пред 10 или 30 години, ние мора да ги разгледаме прашањата поврзани со минатото, сегашноста и иднината. Треба да се обидеме да најдеме заеднички интерес дури и кога не размислуваме исто, посочи Дачиќ.

На божиќниот прием на СНВ присуствуваат и министерката за европска интеграција на Србија, Тања Мишчевиќ, министерката за човекови и малцински права во Владата на Србија и претседателот на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина Томислав Жигманов, патријархот на Српската православна црква, Порфирија.

Исто така присутни беа и членови на Владата на Хрватска, меѓу кои и премиерот Андреј Пленковиќ, потпретседателката на хрватската Влада Ања Шимпрага, претставник на Независната демократска српска партија, министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман и министерот за правда и администрација Иван Маленица.

Домаќинот, претседателот на Независна демократска српска партија во Хрватска, Милорад Пуповац наведе дека главна задача на српските и хрватските политичари е да го замолчат говорот на омраза. ми/

Остани поврзан