• сабота, 28 декември 2024

Даскаловски: Советот на Општина Струмица работи законски по прашањето на родовата еднаквост

Даскаловски: Советот на Општина Струмица работи законски по прашањето на родовата еднаквост

Струмица, 25 септември 2023 (МИА) - Советот на Општина Струмица не може да менува закони и да носи одлуки, бидејќи Деловникот за работа не го дозволува тоа, а шпекулациите дека јас како претседател не сум дозволувал да се вршат измени во програми во кои се зборува за родовата еднаквост, односно еднакви можности на мажите и жените, се неосновани, истакна претседателот на Советот на Општина Струмица, Марјан Даскаловски на денешната прес конференција одговарајќи на нападите од одредени советници и организации.

Според него, претседателот на Комисијата за еднакви можности, советникот Ѓорги Танушев од Коалицијата „Сега“, поднел предлог програма за минатата и оваа година во која стои дека треба да има родово одговорно образование, спречување на родово базирано насилство и дека комисијата напишала дека родовата компонента треба повеќе да се промовира, па дури и да имало обуки за родово одговорно буџетирање за да се подготват соодветни програми од оваа област.

-Во мај оваа година, не знам од кои причини, а можеби тој најдобро знае и можеби причина беа расправите за законите за родова еднаквост и матична евиденција, тој на седница на Советот поднесува точка на дневен ред која се коси со Уставот и законите на државата. Јас го замолив да ја повлече точката за да направам консултации и направив со Собранието и со Министерството за локална самоуправа и тие кажаа дека тоа е противзаконски и таква одлука не смее да се донесе на седница на Советот, смета Даскаловски.

Дополни дека советникот Танушев предложил дефиниција за маж и жена, а претседателот на Советот тврди дека таква дефинција не постои во ниту еден закон во Република Северна Македонија.

-Предлага секаде во програмата кадешто има род да се замени со пол и предлага на пример наместо родово одговорно образование да се замени со полово одговорно образование и секаде каде во програмата стои род да се замени со пол. Тоа го нема никаде во светот, посочи Даскаловски.

Додаде дека некои општини од регионот-Босилово, Василево, Ново Село и Дојран донеле такви одлуки и тој ги повика надлежните органи да проверат дали Советот на Општина Струмица работел незаконски или пак тоа го правеле Советите на другите општини.

-Ако е така, односно Советот на Општина Струмица работел незаконски, јас уште другиот ден ќе си поднесам оставка, рече Даскаловски.

Истакна дека е формирана работна група составена од членови од Општината и граѓански организации која заклучила дека бараните измени се незаконски. На состанокот било договорено Програмата за еднакви права на мажите и жените да претрпи измени, односно таму кадешто се спомнува род да се замени со пол според Законот за еднакви права на мажите и жените.

На седница на Советот, која треба да се одржи задутре, оваа точка ќе биде ставена на дневен ред дополнително и треба да биде усвоена. рт/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан