• сабота, 23 ноември 2024

Дарио Ивановски и Андријана Поп Арсова победници на вториот атлетски маратон „11 Октомври Лозово 2023“

Дарио Ивановски и Андријана Поп Арсова победници на вториот атлетски маратон „11 Октомври Лозово 2023“

Велес,10 октомври 2023 (МИА) - Дарио Ивановски, во машка и Андријана Поп Арсова, во женска конкуренција се први на 15 - километарскиот Втор Атлетски маратон „11 Октомври Лозово 2023“ што по повод празникот денеска го организира Општина Лозово со подршка на бројни спонзори.

Освен медали и пехари најдобрите добија и вредни парични ваучери од 12,8 и 6 илјади денари за прво второ и трето место. Маратонците трчаа на релација Лозово-Милино-Каратманово-Дурфулија-Лозово каде беше стартот и целта на трката. Истата денеска беше одржана во идеални услови со сонце во прекрасен есенски ден по пат што води преку нивите и неколку населени места во реонот на Овчеполието. На трката имаше 53 учесници во машка и женска конкуренција професионални атлетичари од атлетските клубови од Велес, Скопје, Гевгелија, и други градови, како и атлетичари аматери.

Втор на 15 километри во машка конкуренција е Жан Тосев, трет Александар Арсов. Од велешките клубови четврто место освои Тале Илиевски од АРК „Борец“, а петото место го освои Роберто Димитриевски од АК „Велес“.

Во женска конкуренција на 15 километри, втора е Теа Божиновска, а трета Марија Стојановска.

Инаку, денешната трка беше во четири категории: на трката од 100 метри учествуваа деца од 7 до 10 години, на 200 метри од 11 до 14 години и трка на 400 метри на која учествуваа тинејџери од 15 до 18 години. Во сите категории на крајот свечено беа прогласени најдобрите за прво, второ и трето место во машка и женска конкуренција и им беа доделени медали и пехари.

За највозрасен учесник на трката на 15 километри пофалница доби 77 - годишниот Санде Стојановски од Лозово, а за најмлад учесник Никола Саздовски од Лозово.

Воедно градоначалникот Бошко Цветковски во својство на организатор на сите учесници на маратонската трка при пристигнување на целта им ставаше медал за учество во оваа атлетска трка „11 Октомври Лозово 2023“.

Во изјавата за МИА, градоначалникот Бошко Цветковски потенцира дека целта што Општина Лозово ја организира оваа трка која прераснува во традиционална, а по повод празникот 11 Октомври, е да ги потикнат младите на спортување, на трчање и здрав начин на живот. Тој очекува догодина да им се приклучат што повеќе млади од сите градови од целата земја со што помасовно учество. ад/ев/

Остани поврзан