• среда, 25 декември 2024

Данска во фокус на втората вечер од „Македокс“

Данска во фокус на втората вечер од „Македокс“

Скопје, 18 август 2023 (МИА) - На втората вечер од 14. фестивал на креативен документарен филм „Македокс“, ќе биде отворена програмата „Земја“ во фокус - Данска. Заедно со Данскиот филмски институт е составена програма од 12 дански долгометражни документарни филмови, а светски познатиот дански монтажер Јеспер Осмунд ќе одржи и работилница за монтажа заедно со данскиот критичар Ту Стин Милер, се наведува во денешното соопштение на организаторите.

- Во текот на викендот, покрај филмската програма од селекцијата за главната програма, кратките документарци, „Нови автори“ и студентската програма, во Сули-ан ќе се одвива филмската соработка со фестивалот на анимиран филм „Флипбук“, каде што ќе бидат прикажани неколку наградувани анимирани документарни филмови кои биле дел од програмата „Анидок“. Тематски фокус на 14. „Македокс“ е монтажата на документарните филмови со мото #пресечи (#cutit). Викендот е резервиран и за мастеркласовите на Мила Турајлиќ и Владимир Гојун. На програмата во Куршумли-ан на 20 август ќе биде прикажан документарниот диптих „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ на Мила Турајлиќ, додека на мастеркласот претходно, таа ќе зборува за процесот на монтажа, кој во случајот со овие два филма, траел цели три години. Тематски наслов на мастеркласот е „Верба во процесот: Режисер(к)ите во собата за монтажа“. Разговорот ќе го води Виктор Еде, продуцент - Cinephage Productions, Франција, се појаснува во соопштението.

Мастеркласот на хрватскиот монтажер Владимир Гојун, како што се додава, ќе биде фокусиран на повеќе прашања што се отвораат на монтажерската маса, а целта е да се открие процесот на разбирање на можностите што ги носи видеоматеријалот за креација на документарниот филм.

Гојун, кој е роден 1979 година во Дубровник, Хрватска, завршил филмска монтажа на Академијата за драмски уметности во Загреб каде што моментално работи како доцент.

- Тој е монтажер на меѓународно признати долгометражни филмови - „Бујик ривиера“, „Зад стаклото“, „Ме носиш“, „Рударот“, „Мажите не плачат“, „Жабата“, „Сосема сам“, „Мурина“, документарни филмови - „Плати и жени“, „Хјустон, имаме проблем!“, „Кралот“, „Русинот“, „Мојот превртен свет“, „Стил мил кафе“, „Ништо нема да биде во ред“, „Иследникот“, краткометражни филмови - „Жолта месечина“, „Здив“, „Црвено светло“, „Вистинската вистина за борбата“ и експериментални филмови - „Од – до“, „Првиот здив“. Режирал и четири документарни филмови - „Циклуси“, „Времиња на големата депресија“. За својата работа како режисер и монтажер, освоил голем број награди во својата земја и во странство, се истакнува во соопштението.

Како што се појаснува, филмската програма на 14. „Македокс“ веќе е распостелена на три локации во Старата чаршија, во Куршумли-ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Сули-ан, додека за време на викендот филмови од младинската и детската селекција ќе бидат прикажувани во Младинскиот културен центар, а мастеркласовите ќе се одржат во Даут-пашиниот амам.

- На отворањето на фестивалот вчера, Сара Ферро и Дарко Набаков од екипата на „Македокс“ го нагласија значењето на фактот што речиси целата програма е концентрирана во старото скопско јадро. Со документарните филмови „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон, Франција и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб, Германија, првата вечер на фестивалот беше со танцувачки концепт, кој на крајот од вечерта со интензивни електронски звуци беше засилен со концертот на групата „Искра“, се подвлекува во соопштението. бд/дма/

Фото: „Македокс“

Остани поврзан