• вторник, 24 декември 2024

Даниела Андоновска-Трајковска, Митко Гогов и Габриела Стојаноска-Станоеска добитници на наградата „Македонска книжевна авангарда“

Даниела Андоновска-Трајковска, Митко Гогов и Габриела Стојаноска-Станоеска добитници на наградата „Македонска книжевна авангарда“
Скопје, 20 октомври 2020 (МИА) - Годинашни добитници на наградата Македонска книжевна авангарда се: Даниела Андоновска-Трајковска, Митко Гогов и Габриела Стојаноска-Станоеска, што се доделува од Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација Македонија презент од Скопје. Наградата се доделува за иновативна, експериментална и креативна, односно најдобра книга објавена во 2019 и 2020 година. Даниела Андоновска-Трајковска е наградена за поетската книга „Куќа на контрасти“. Станува збор за женско писмо со многу семантика, мудрости и значења. Нејзините песни се нетипични и некласични. Авторката експериментира со формите, но и содржините на песните. Нејзината поезија изобилува со слики, симболи и метафори. Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е поет, прозаист, научник, уредник на списанија, книжевен критичар, промотор на книжевни дела, доктор на науки и редовен професор по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Акредитиран ментор е на докторски студии со објавени над 100 научни трудови во референтни меѓународни публикации, учесник во значајни меѓународни образовни и научни проекти и национален обучувач за наставници. Таа е коосновач е на Универзитетскиот литературен клуб Дениција ПФБТ УКЛО, а иницијатор е и за создавањето на Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик на Педагошкиот факултет – Битола каде активно работи и на проекти од областа на книжевноста. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и на Битолскиот книжевен круг (БКК), на повеќе меѓународни професионални тела и уредувачки одбори на списанија и конференции, член е и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет. Сега е дел од управниот одбор на Друштвото како претставник од одделението за лингвистика и литература. Главен уредник е на списанието „Раст“ (БКК), уредник е и на списанијата „Современи дијалози“ (МНД) и „Книжевни елементи“. Има објавено 8 поетски книги: „Збор за зборот“ (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска, 2014), „Поема за маргините“ (со Гордана Стојаноска, 2015), „Црна точка“ (2017), „Стапалки“ (2017), „Три“ (2019), „Куќа на контрасти“ (2019), „Електронска крв“ (2019) и „Математичка поезија“ (2020), една збирка раскази „Кафе, чај и црвено небо“ (2019), две меѓународни публикации за водачи во образованието (2013) и еден универзитетски учебник „Критичка писменост“ (2019). Преведена е на повеќе светски јазици (српски, босански, хрватски, албански, бугарски, англиски, кинески, арапски, виетнамски, италијански, романски, украински, полски, узбекистански и турски). Застапена е во повеќе книжевни списанија и антологии, а е добитник на неколку книжевни награди (Носиде, Италија (2011), Празник на липите (2018), „Крсте Чачански“ за проза (2019) и Караманов за поетската книга „Електронска крв“ (2019). Митко Гогов е награден за книгата Скриено писмо. Станува збор за концептуална поетска збирка во која има три циклуси, од кои првиот и третиот се патувања во социјално ангажираниот светоглед и духовниот повик за подобро утре, а хаику циклусот кој е поместен помеѓу овие два циклуса, има функција на еден скриен начин да не потсети на детството и сите оние нешта кои некогаш сме ги имале во подрумот, како реликвија за едно време. Во овие стихови се пее за времето/темпоралноста, но и за болката и за страдањето, за осаменоста и за копнежот по (не)достижниот Друг. Песните, иако се зачнати и родени во лирското, се стремат кон филозофското и метафизичкото. Се создава еден поетски простор-време, сценски или сценографски режиран и филмски монтиран, прикажувајќи го светот низ фрагментарни и маргинални слики, прочистени од патетичност, барокна метафоричност и романтичност. Митко Гогов е роден на 11 ноември 1983-та година во Скопје. Пишува поезија, кратки раскази, есеистика и публицистика. Пишува и хаику, сенриу, ренга кои ги објавува повремено во микроблогосферата тњиттер. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, Кина, Тајван, Египет, УСА, Аргентина, Русија, Шпанија, Италија, Чешка, Романија, Германија, Израел, Мексико, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Грција, Бугарија... Автор е на стихозбирките: Ледена вода, издадена во Србија (2011), а во Македонија во едицијата Огнови на издавачката куќа Антолог (2014) и Скриено писмо (Антолог, 2019 година). Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои: наградата Енахалон на Струшките вечери на поезијата, наградата Анџело Ла Векија во Сицилија, Италија, наградите на Поетски литературни искри, Поетски слем во Прилеп, Струшки бранувања во Струга и многу други. Претседател е на Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство Контекст - Струмица, организатор на глобалната поетска манифестација 100 Илјади поети за промена во Македонија, претставник на Светската унија на поети и Школата за поезија - Делегација Македонија, еден од основачите на наградите Антево слово и Антево перо, уредник на струмицаонлине.нет и репер.нет.мк. Концептуален уметник со неколку изложби, инсталации, перформанси, сценографии и мултимедијални проекти реализирани во Норвешка, Франција, Италија, Србија, Македонија, Бугарија... Младински работник и граѓански активист. Организира културни и арт-настани, соработува со младински, арт, филмски и театарски фестивали, блогер... Габриела Стојаноска-Станоеска е наградена за книгата Приказни за краткоста. Во поднасловот на книгата стои: раска(з)жи за своја душа. Станува збор за концизна, збиена, постмодернистичка проза. Карактеристики на нејзините раскази пишувани со пресврти и заплети се современоста и актуелноста, односно јадровитоста, лапидарноста, сликовитоста и мисловноста. Книгата е создадена во манирот на урбаната кратка проза. Габриела Стојаноска-Станоеска (1978, Прилеп) има магистрирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје. Со поддршка од Министерството за култура ги има објавено следниве книги: збирките раскази „Гола“ (2007) Арлекин-ГФ Прилеп и „ПРИКАЗНИ ЗА КРАТКОСТА – раска(з)(ж)и за своја душа“ Сигмапрес Скопје (2019), научната студија „Кусиот расказ и сонот“ Сигмапрес Скопје (2018), а пред печат е збирката драми „ДРАМИ – Трудници * Тајни“ (2020). Стојаноска-Станоеска има добиено прва награда на конкурсот за краток расказ на списанието „Студентски збор“, две први награди на конкурсите за кус-кус расказ на интернет порталот Окно, откупна награда на конкурсот за расказ на весникот „Нова Македонија“ и други. Застапена е со расказ во повеќе антологии и други избори. Главна уредничка е на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Досегашни добитници на наградата „Македонска книжевна авангарда“ се: Елена Пренџова, Марина Мијаковска, Дејан Трајкоски, Стефан Марковски, Ана Бунтеска и Бистра Илин Шеќеровски. фф/сп/

Остани поврзан