• среда, 25 декември 2024

„Данас“: Јавниот долг на Србија од март 2020. расте за 117 евра во секунда

„Данас“: Јавниот долг на Србија од март 2020. расте за 117 евра во секунда

Белград, 11 април 2023 (МИА) - Од март 2020 година јавниот долг на Србија расте за 117 евра во секунда, пишува весникот „Данас“.

Јавниот долг на последниот ден од февруари изнесувал 34,94 милијарди евра, што е највисока апсолутна сума на јавен долг од 2000 година, наведува весникот во денешното издание. Како што е прецизирано, најголем дел од долгот е надворешен долг во износ од 22,3 милијарди евра, 11 милијарди е внатрешен јавен долг, а 1,7 милијарди индиректен долг на државата. Во однос на 31 декември 2022 година, јавниот долг е зголемен за 1,6 милијарди евра, покажуваат податоците на Министерството за финансии.

Сепак, како што се додава, додека на крајот на годината јавниот долг во однос на БДП изнесуваше 55,1 отсто, на крајот на февруари по дополнителното задолжување падна на 51,1 отсто од БДП.

Како што јави Данас, одговорот на оваа, на прв поглед, нелогичност е дека од почетокот на новата година се користи проценетиот БДП за цела година, односно од 1 јануари Министерството за финансии го дели јавниот долг со БДП, кој се зголеми за 13 отсто.

Министерството за финансии, се посочува во текстот, годинава смета на реален раст на БДП од 2,5 отсто, а останатите 10,5 отсто на влијанието на инфлацијата.

Ако се претпостави дека курсот на еврото во однос на динарот ќе биде стабилен, како што се наведува, тоа значи дека и БДП во евра ќе се зголеми за повеќе од 13 отсто, односно за околу осум милијарди евра.

Во однос на февруари 2022 година, јавниот долг е зголемен за 4,5 милијарди евра, а најголемиот дел од зголемувањето се однесува на растот на надворешниот долг за речиси четири милијарди евра.

Во текстот се наведува и дека од крајот на 2012 година, кога јавниот долг изнесувал 17,7 милијарди евра, тој е речиси двојно зголемен, но останал на слично ниво во однос на БДП, па тогаш изнесувал 52,9 отсто, а во февруари годинава 51,1 отсто. Во однос на јули 2012 година, јавниот долг е зголемен за 19,5 милијарди евра.

Во целиот овој период од 3.890 дена, јавниот долг се зголемувал со темпо од пет милиони евра дневно или 58 евра во секунда, покажува пресметката на веб-страницата Makroekonomija.org, пренесе Данас.

Весникот наведува и дека до избувнувањето на пандемијата на ковид, во март 2020 година, задолжувањето било многу побавно и дека од јули 2012 до март 2020 година јавниот долг се зголемил за 8,8 милијарди евра, што е темпо од 3,2 милиони евра дневно или 37 евра во секунда.

За време на пандемијата, во 2020 и 2021 година, државата потрошила околу девет милијарди евра или 17 отсто од БДП за помош на стопанството и населението, според изјавите на министерот за финансии Синиша Мали, но според анализата на Фискалниот совет, државната помош го чинела буџетот 5,4 милијарди евра .

Според анализата на Фискалниот совет, како што потсетува Данас, најголемиот дел од тоа трошење се финансирало со задолжување, па само од крајот на 2019 година до крајот на 2021 година јавниот долг се зголемил за шест милијарди евра.

На тоа треба да се додаде минатогодишниот колапс на енергетскиот систем, кој во комбинација со енергетската криза во Европа ќе го чини буџетот, според проценката на Фискалниот совет, од три до 3,5 милијарди евра, од кои 2,4 милијарди евра се веќе дадени. 

За финансирање на ваквите трошења, државата се задолжувала од март 2020 до февруари 2023 година со темпо од 10,13 милиони евра дневно или 117,2 евра во секунда, се додава во текстот.

Весникот потсетува и дека на крајот на јануари државата издаде еврообврзници во вредност од 1,75 милијарди долари и со тоа се појави на меѓународниот финансиски пазар за првпат од септември 2021 година.

Ова е главната причина што во кварталот што заврши во февруари, темпото на задолжување се зголеми на 341,5 евра во секунда, процени Данас. ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан