• недела, 24 ноември 2024

Дамева очекува на седницата в среда да биде донесена правилна одлука по иницијативата за разрешување на Беса Адеми

Дамева очекува на седницата в среда да биде донесена правилна одлука по иницијативата за разрешување на Беса Адеми

Скопје, 16 јануари 2024 (МИА) - Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева очекува на седницата в среда, на која треба да се расправа по извештајот од Комисијата на известители во врска со иницијативата за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд, да биде донесена правилна одлука. 

Дамева за емисијата „360 степени“ изјави дека извештајот на Комисијата на известители е готов и дека за него ќе се расправа како седма точка на дневниот ред насловена „Расправа по извештај за констатирана состојба“.

- Станува збор за извештај во којшто Комисијата, изведувајќи ги сите докази врз основа на одржана јавна расправа, го констатира тоа во документот, но би сакала да напоменам дека согласно Законот за Судски совет донесен во 2019 година, Комисијата не дава предлог до Советот во смисла на лично мислење. Само ја констатира фактичката состојба врз основа на изведени докази, врз основа на расправа. На Советот в среда останува да расправа и да одлучи, врз основа на тоа, дали има сторено повреда и доколку има, која е повредата и каква ќе биде финалната одлука, тоа ќе почекаме, појаснува Дамева.

Расправата во среда, како што посочува Дамева, ќе биде отворена за јавноста и на седницата сите членови на Советот може да се изјаснат за извештајот од Комисијата по што треба да се донесе одлука.

- Прво за што се изјаснува Советот е за запирање на постапката, за што се потребни најмалку седум гласа. Доколку нема мнозинство, се пристапува кон констатирање дека е сторена повреда и кон изрекување на една од утврдените законски дисциплински мерки, почнувајќи од најтешката кон најлесната, што значи првата е разрешување, па парична казна имајќи предвид висината и времетраењето, па јавен укор и на крај опомена, вели Дамева.

Посочува дека има изградено личен став по однос на ова прашање, а за нејзините колеги рече дека ниту за овој случај, ниту за кој било друг, не би можела да претпостави кој како би гласал, но се надева дека нејзините колеги ќе ја земат предвид целокупната фактичка состојба и врз основа на доказите ќе донесат правилна одлука. 

Во однос на неколкумесечното непојавување на претседателката на Врховниот суд Беса Адеми на седниците на Судскиот совет, Дамева рече дека за тоа одговор треба да се побара лично од неа, но доколку се прашува таа како претседателка на Судски совет, таа е задоволна од присуството на Адеми бидејќи претседателот на Врховниот суд може да биде од помош за работата на Судскиот совет.  

Во врска со нејзиното разрешување од функцијата претседателка на Судскиот совет по што таа поднесе претставка до Управниот суд кој пресуди во нејзина полза, Дамева вели дека со одлуката на Управниот суд не е затворен случајот со нејзиното разрешување. Очекува и други надлежни институции да постапат.

- Морам да кажам дека пресудата од Управниот суд не ја сметам за личен триумф. Тоа е триумф, односно тука победи правдата, за мое, искрена да бидам, големо изненадување. Значи, сепак, не сите судии во нашата држава може да се смета дека одлуките ги носат пристрасно или од кои било други побуди. Судиите се одважија и ова го зборувам лично, бидејќи не смеам да го изразам овој став како претседател на Судски совет со оглед дека во таа постапка тужена странка, тужен орган беше Судскиот совет. Не сметам дека со ова е завршено сè бидејќи во однос на таа незаконитост мора да бидат преземени други дејствија, но за тоа се надлежни други институции, вели Дамева.

За пораките на холандскиот амбасадор по средбата со лидерот на ДУИ, Дамева вели дека нема да ја коментира пораката, но дека е убедена оти странските дипломати во земјава имаат причини за таквите чекори.

- Јас би сакала да се воздржам од коментар во однос на активности и средби на дипломатските претставници од странски држави во нашата земја и нема да ја коментирам пораката. Меѓутоа, доколку дипломатски претставници остваруваат такви средби, убедена сум дека имаат причини, индиции и потреба тие чекори да ги преземат, но не би сакала да коментирам, вели претседателката на Судскиот совет. бак/

Фото: Принтскрин 

Остани поврзан