• недела, 24 ноември 2024

Дали се крие вистината за инфлацијата во Турција?

Дали се крие вистината за инфлацијата во Турција?

7 февруари 2024

АРД (преку Дојче веле)

Битката на Турција со високата инфлација е далеку од добиена, напротив. Во јануари 2024 година, потрошувачките цени беа за 64,9 отсто повисоки од претходната година. И во декември 2023 година - за 64,8 отсто. Ова го покажуваат податоците на Националниот завод за статистика во Анкара. Но, дали воопшто може да им се верува на официјалните податоци за инфлацијата? Неодамна, меѓународните набљудувачи се повеќе изразија сомнеж за веродостојноста на овие бројки, објави германскиот јавен радиодифузен сервис АРД во својата публикација на оваа тема.

Причината е што претседателот Реџеп Тајип Ердоган направи бројни кадровски промени во заводот за статистика Туркстат - вклучително и менаџерски персонал. Дополнително, инфлацијата мерена од Туркстат и индексот на трошоците на животот на Стопанската комора на Истанбул отсекогаш била на речиси исто ниво во минатото и ретко покажувале големи отстапувања.

Дали реалната инфлација е дури 129 отсто?

Меѓутоа, во пролетта 2022 година, тие почнуваат многу да се разликуваат. Оттогаш, Истанбулскиот индекс редовно е значително повисок од официјалната стапка на инфлација. За споредба: во јануари индексот на трошоците на животот изнесуваше 76,2 отсто, што е за повеќе од 11 процентни поени над официјалното ниво на инфлација, пишува германското издание.

Според независните експерти од истражувачката група ENAG, дури и оваа вредност е веројатно сè уште премногу ниска. Според нив, инфлацијата во јануари изнесува 129,1 отсто во однос на истиот месец од 2023 година.

Сепак, треба да се знае дека високата инфлација во Турција на почетокот на годината не е изненадување. Експертите предупредија на ваквиот развој на настаните со оглед на наглото зголемување на минималната плата, која се искачи на 516 евра во јануари - речиси двојно (зголемување од 49%) од јули 2023 година.

На ова се додава слабата турска лира која со месеци ги зголемува потрошувачките цени. Последно, но не и најмалку важно, слабата национална валута го поскапува увозот на стоки и суровини, на пример нафта, што дополнително ги зголемува потрошувачките цени. Затоа економистите зборуваат за „увезена инфлација“ и во Турција.

Турската лира е на рекордно ниско ниво

На почетокот на неделата турската лира падна на рекордно ниско ниво во однос на доларот: 30,70 лири за еден долар. Уште една девалвација на лирата е реакција на девизниот пазар на неодамнешните превирања во турската централна банка. Шефицата Хафизе Гаје Еркан, поднесе оставка откако против неа беа упатени обвинувања за корупција, кои таа ги негира. Финансиската експертка со меѓународно искуство беше сметан од многу економисти и пазарни набљудувачи како зрак надеж во борбата против високата инфлација во Турција: од јуни 2023 година, Еркан ја зголеми главната каматна стапка од 8,5 отсто на 45 отсто, потсетува АРД.

Многумина сега се прашуваат дали останувањето на Еркан ја загрозува борбата на Турција против инфлацијата. Нејзиниот наследник Фатих Карахан, како и самата Еркан, може да се пофали со блескава кариера во САД. Таму тој стана главен економист во гигантот Амазон и работеше десет години за Федералните резерви во Њујорк. И Еркан и Карахан важат за поддржувачи на традиционалната монетарна политика. Во времето на промената, турскиот министер за финансии Мехмет Шимшек вети континуитет во економската политика.

Сите знаат кое е решението

Според економистите цитирани од АРД, многу е јасно што треба да се направи за да се стави под контрола високата инфлација во Турција: за таа цел, високите клучни каматни стапки на кои претседателот Ердоган толку жестоко се противеше сега се неизбежни.

Сепак, ваквата строга монетарна политика може да биде крунисана со успех само под еден услов: ако се стави крај на слободниот пад на лирата и се врати довербата на инвеститорите во турската валута. Новите кадровски промени во врвот на Централното банкарство се најдобар предуслов за таков исход, посочува АРД. ссм/

фото: архива

Остани поврзан