• недела, 24 ноември 2024

Дали Лукашенко навистина би ја фрлил Белорусија во војна што Русија ја губи?

Дали Лукашенко навистина би ја фрлил Белорусија во војна што Русија ја губи?
14 октомври 2022 Гардијан Александар Лукашенко, диктаторскиот водач на Белорусија, внимателно балансираше за време на војната во Украина. На 24 февруари, руските трупи насобрани на белоруската територија, ја преминаа границата со Украина, користејќи ја нејзината земја како полигон за најголемата инвазија во Европа од Втората светска војна. Но, белорускиот водач не се приклучи директно во војната, ниту пак прати свои трупи во борбата. Одвреме навреме зборуваше за тоа дека инвазијата трае предолго. Новите состаноци на Лукашенко и Владимир Путин повторно ги вратија стравовите дека и тој ќе се приклучи во борбата. Лукашенко изјави дека Белорусија и Русија ќе распоредат заедничка воена група и оти во наредните денови, илјадници руски војници ќе пристигнат во неговата земја за вежби. Британскиот медиум потсетува на изјавата на белорускиот министер за одбрана Виктор Хренин. - Уште еднаш истакнуваме дека задачите од регионалната соработка се исклучиво од одбранбена природа. Сите активности што сега се спроведуваат се одговор на акциите близу нашите граници, додаде Хренин. „Постои голем сомнеж дека Лукашенко е подготвен да ги уфрли сопствените сили во војна што Русија ја губи“ За време на вчерашниот состанок на Г7, украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи испраќање мировни сили на Обединетите Нации на границата на Украина и Белорусија, со цел да се спречи Лукашенко да започне „провокација“. „И покрај знаците за предупредување, постои голем сомнеж дека Лукашенко е подготвен да ги уфрли сопствените сили во војната што Русија ја губи во Украина, дури и доколку е под притисок на Путин“, пишува Гардијан. - Се разбира дека Путин има големо влјиание, но, не може да го натера Лукашенко да изврши политичко самоубиство, тврди белорускиот политички аналитичар и научник во Фондацијата Карнеги за меѓународен мир, Артјом Шрајбман. Поради тоа, тој смета дека „Лукашенко дефинитивно ќе се обиде да се спротистави на секое туркање кон војна“. - Од друга страна, не можам да се обложам дека засекогаш ќе биде успешен во тоа. Постојат начини како Русија може да дејствува, што би ја испровоцирале Белорусија на конфликт, посочи Шрајбман. Ќе вежбаат ли 17 километри од украинската граница? Освен испраќање на неговите трупи во битка, Лукашенко може да дозволи руските да се распоредат на белоруската граница со цел да се истегне украинската одбрана, или евентуално би дозволил Русија да ја користи Белорусија како полигон за некои од десетиците илјади мобилизирани Руси, анализираат Ендрју Рот од Москва и Даниел Бофеј од Лавов за Гардијан. Белоруската активистичка група Хајун смета дека заедничките вежби на руската и белоруската армија може да се одржат во градот Јелск на 17 километри од украинската граница. „Групата информираше дека откажана е наставата во музичкото училиште во близина на локалната полициска станица и управната зграда. На жителите им е кажано да не ја снимаат новата колона оклопни возила што требаше да пристигне“, наведува Гардијан. Конрад Музика, независен одбранбен аналитичар и директор на Рочан Консалтинг, напиша дека малку организации ја следат состојбата на белоруската војска, бидејќи нивните вооружени сили „се релативно слаби, а освен реториката на Лукашенко, тука нема ништо“. „Белорусија ги одржува најголемите вежби од времето на Студената војна“ „Војската би морала да мобилизира 20 илјади лица за да постигне целосна сила“, напиша Музика, додавајќи дека „и би било доволно време за стратешко предупредување, доколку Белорусија почне да мобилизира и да ги преместува своите трупи кон границата“. „Без оглед на тоа, Белорусија ги одржува најголемите вежби од времето на Студената војна. Минск ги тестираше сите способности како да се подготвува за влегување во војна“, пишува Музика, кој гледа можни објаснувања за таквото однесување. Првото е подготовка за напад на НАТО, другото е врзување на украинските сили близу границата со цел да се спречи нивно распоредување на други подрачја, а третото е подготовки за напад на Украина. „Белорусија праќа тенкови, муниција и камиони од нејзините складишта во Русија“ Гардијан истакнува дека „Белорусија праќа тенкови, муниција и камиони од нејзините складишта во Русија“. Така Хајун објави видео каде се гледа како се транспортираат осум тенкови Т-72А од Минск кон Русија. Исто така, се подвлекува дека сведоци виделе 15-30 тенкови и најмалку 28 камиони Урал. Франак Виачорка, висок советник на белоруската опозициска лидерка Свјетлана Чимановскаја, не верува дека белоруската војска активно ќе учествува во војната. - Чисто се сомневам, никакви знаци не упатуваат кон тоа. Напротив, воените лидери се обидуваат да ги смират трупите, зборувајќи како нема да бидат вмешани во војна, затоа што се загрижени гледајќи го успехот на Украинците. Никој не сака да се бори за Путин, нагласи Виачорка, пренесе Гардијан. Покрај тоа, Виачорка смета дека белоруската војска нема капацитет за да се бори во Украина. - Немаме ниту трупи, ниту воена опрема. Доста опрема веќе ѝ е дадена на Русија. Сè што можеше да се употреби, веќе е ставено во функција. Малку војници се подготвени за борба, до седум илјади, и не се подготвени за офанзивна операција, додаде Виачорка. Лукашенко не сака да ја ризикува својата позиција? Гардијан заклучува дека Лукашенко нема да сака и понатаму да ја ризикува својата позиција поради војната, откако остана на власт по протестите во 2020 година. Според неофицијални анкети, војната во Украина е крајно непопуларна меѓу Белорусите. - Не сака да биде вовлечен во војната поради ризикот што може да се создаде, тврди Шрајбман, истакнувајќи дека анкета покажала оти помалку од десет отсто од Белорусите поддржуваат директно учество во војната во Украина. Русија се повлекува и вклучувањето во војната може да ја врзи судбината на Лукашенко за инвазија што веројатно, ќе заврши неуспешно, пишува на крајот од анализата на Гардијан. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан