• петок, 27 декември 2024

Дали и како Тетовското Кале од османлискиот период ќе се успее да се спаси од руинираност

Дали и како Тетовското Кале од османлискиот период ќе се успее да се спаси од руинираност
Тетово, 18 април 2021 (МИА) - Тетовското Кале, тврдина изградена во Османлискиот период на ридот Бал Тепе, иако е под државна заштита како значен споменик на историското наследство, веќе долги години, повеќе наликува на руинирано и запуштено место. Од оваа тврдина и внатрешните објекти, останати се само остатоци, претежно од ѕидовите и тунелите. Само една од внатрешните згради - тогашна трпезарија за војска е реставрирана и конзервирана и на тој начин зачуван е автентичниот надворешен изглед на објектот. Тие работи се изведувани од 2008 до 2012, а дел од проектот биле и археолошки истражувања. Воедно саниран е и еден ѕид. Потоа со текот на годините работата се сведувала само на одредени ѕидови, кои се во опасност од целосно рушење и паѓање, па се интеревенирало со поставување потпорни предмети. Директорот на Национален конзерваторски центар, Мемет Селмани вели дека неговата установа работи постепено и во фази на заштита на тврдината се во зависност од добиените средства за работа од Министерството за култура. За 2021 година предвидена е четврта фаза непосредна заштита, конзервација, реставрација, санација и реконструкција на влезната партија на археолошкиот локалитет Тетовско Кале, Бал Тепе. За оваа фаза добиени се средства во висина од 700 илјади денари. -Главната капија-порта се сруши пред неколку години. Постепено се обидуваме да се врати концептот на постоечкиот изглед. Проблем за работа на кое било вакво место Кале се скапите материјали, кои се користат за лепење на камењата што се користеле при изградбата. Минатата година пример имавме 350 илјади денари, околу пет илјади евра. Сите пари отидоа на инјектирање на маса со која се лепат камењата од тврдината или три тона таква маса чини пет илјади евра. Масата или лепакот претставува трикомпонентен материјал што ги држи камењата. Министерството дава ограничени средства и мора постепено, изјави директорот Мемет Селмани. Согласно проектот со кој аплицирале во Министерството предвидена е непосредна заштита, конзервација на засводена просторија-стражарница. -Во 2021 продолжува со санација на сводот од внатрешната страна на просторијата со заѕидување на делови од сводот каде што се испаднати камените блокови од сводот. Ќе се изврши доѕидување на рушениот челен ѕид кај влезот од просторијата. Ќе се изврши ѕидање на падниот потпорен ѕид покрај патот како и санација на челото на обрушениот ѕид спорти стражарницата. Се продолжува со непосредна заштита на стражарницата 2 од другата страна на патот. По извршување на фугирање на сводот од внатрешната страна и инјектирање од надворешна страна и поставување  анкери помеѓу камените плочи во претходната година се изведува армирано бетонска плоча 10 сантиметри над сводот за која се врзуваат анкерите и на тој начин се обесува сводот за плочата како би се спречило понатамошно слегување и спречување на можност да не се сруши. Врз плочата се поставува хидроизолација и под од камени плочи. На овој начин ќе се спречи паѓање на сводот од стражарницата 2. Потоа се врши и реставрација на паднати делови од стражарницата 2 и нивно префугирање, се вели во проектот. Податоците на Музејот на тетовски крај се дека на крајот од 18 век Тетовското Кале како тврдина на врвот од ридот Балтепе почнал да го гради Реџеп-паша. Се смета дека имало 108 илјади квадратни метри и богата внатрешност. -Ѕидовите кои се изградени се дебели од три до пет метри, со најголема височина и до десет метри, сите градени со бигор камен. Се градело 20 години, а синот на пашата, Абдурахман ја завршил изградбата по што од 1831 до 1843 живеел во тврдината. Во калето имало две монументални порти, две помали порти, девет кули, објекти и кујна за војската, набљудувачници, како и два сараи, каде престојувал пашата, велат од Музеј на тетовскиот крај. Миќо Стојчески, директор на Музеј на тетовскиот крај вели дека во подобри времиња со еден капитален проект кој би траел десетина години тврдината може да го добие вистинското лице. -Кога би се реставрирале сите објекти, сета таа археологија што се нашла таму би биле дел од една музејска поставка. И во интерес и во името на културата би можело еден културен центар да настане каде би се одржувале разни фестивали, настани од областа на културата и уметноста што за градот би придонело повисоко ниво на развој на култура и една точка туристичка атракција и една точка за младите за разни едукации, обуки“, вели директорот на Музејот. До врвот на ридот и Калето постои асфалтиран пат, а местото се посетува само од тетовци, кои ја користат сообраќајната делница за пешачење до врвот на Бал Тепе. Александар Самарџиев

Остани поврзан