• четврток, 26 декември 2024

Далеку од Украина, сиромашните во Индонезија не можат да дојдат до масло за готвење

Далеку од Украина, сиромашните во Индонезија не можат да дојдат до масло за готвење
10 aприл Ал Џазира - Доха Секојдневно, Сити Рохани пржи стотици традиционални индонезиски закуски на нејзиниот уличен штанд во Медан, Северна Суматра, што вклучува три вида крофни, пржени темпе и тофу, банана фритери, пролетни ролни и пуфки со кари. Сето тоа пржење, значи дека Рохани троши доста масло за готвење - и до пет литри (169 унци течност) дневно. Единствениот проблем за Рохани, е тоа што сè потешко може да се дојде до масло за готвење, во услови на хроничен недостиг низ архипелагот. Откако растот на цените на суровото палмино масло, предизвика скок на цените на маслото за готвење за повеќе од 50 отсто, Владата на Индонезија во февруари ја ограничи цената на литар масло на 14.000 индонезиски рупии (0.93 долари). За да спречат поголем недостиг, властите ги ограничија купувачите на две литри (68 течни унци) масло, при едно пазарување. - Морав да барам насекаде низ градот, од едно место до друго, за да купам уште литар-два масло, или за да дознаам дека на другото место е веќе распродадено и нема. Ова направи сè да биде уште потешко, изјави Рохани за Ал Џазира. Ограничувањето на цената, што оттогаш е укинато, имаше и друг непосакуван ефект, според Посман Сибуеја, предавач по технологија за храна на католичкиот универзитет Санто Томас во Медан. - Продавачите на масло за готвење не сакаа да го продаваат за толку ниска цена, па почнаа да го собираат. Всушност, има залихи на масло за готвење насекаде низ земјата, но, не знаеме каде се, тврди Сибуеја за Ал Џазира. Изминативе месеци, цената на суровото палмово масло порасна до 40 отсто, што е резултат на повеќе фактори, вклучувајќи ја и руската инвазија на Украина, од каде доаѓа најголемиот дел од сончогледовото масло во Европа. Со прекинот на снабдувањето со сончогледово масло од Украина, поради конфликтот, се зголеми побарувачката за други масла, како палминото. Пандемијата на Ковид-19, исто така, имаше влијание врз жетвата во земјите производители на палмово масло, како соседната Малезија, бидејќи мигрантите, кои вообичаено работат на плантажите, беа во „локадаун“ надвор од земјата. Индонезија е најголемиот светски производител и извозник на палмово масло во светот, а производството во земјата далеку ја надминува домашната побарувачка. Но, според Владата, се бара само 20 отсто од производството да остане внатре, што значи, другото може да се извезува во странство. Исто така, постои прашање за тоа кој всушност ги поседува маслиновите палми во Индонезија. - Огромен проблем со палмовото масло е тоа што најголем дел од плантажите во Индонезија се во сопственост на неколку луѓе, можеби 20 најмногу. Тие лица не се сопственици само на плантажите, туку на целата индустриска инфраструктура, како што се фабриките и сè друго. Па така, тие имаат монопол на индустријата и монопол на цената на палминото масло, појасни за Ал Џазира, Ули Арта Сијаган, активистка за шумарство и плантажи во еколошката непрофитна организација ВАЛХИ. Индонезија произведе 44.8 милиони тони сурово палмино масло во 2020 година, според податоци од индонезиското Биро за статистика. Шеесет осто било произведено од приватни компании, а 34 од индивидуални земјоделци. Останатите шест проценти, произведено е од компании во сопственост на државата. Според податоците на Бирото, таа година, Индонезија извезе палмино масло во вредност од над 18 милијарди долари. - Во Индонезија, фабриките за масло за готвење, вообичаено, не произведуваат сопствено палмино масло, па затоа мора да го купат од произведувачи во форма на сурово палмино масло. Произведувачите може да го продадат палминото масло за колкава цена и да сакаат, а бидејќи цените на тоа масло и така пораснаа глобално, стана уште потешко за фирмите за масло за готвење да купат суров производ. Тоа е еден од клучните проблеми, таа врска меѓу плантажите и фабриките за масло за готвење, истакна Сибуеја. Во средината на март, Владата на Индонезија одлучи да ја удвои максималната извозна давачка за извозот на палмово масло на 375 долари по тон, како дел од планот за субвенционирање на цените и дистрибуција на над 200 милиони литри (6.763 течни унци) од производот низ цела земја секој месец. Во вторникот, властите соопштија за започнување модел за трансфер на готовина, што нуди бенефиции од 300.000 индонезиски рупии (20 долари) за да им помогне на граѓаните со пониски приходи и рестораните да купат масло. Рохани слушнала за иницијативата, но, не е запозната со деталите. - Би сакала да аплицирам, се разбира, доколку ги исполнувам критериумите, подвлече таа. Во услови на недостиг, некои претприемачи Индонезијци, купуваат колку што е можно повеќе масло за готвење, за потоа да го продаваат на црниот пазар, по многу „надуени“ цени, на очајни клиенти. Во Источен Калимантан, провинција во индонезиски Борнео, две жени починаа, откако чекаа со часови на жешкото сонце за да дојдат до скудни резерви на масло за готвење, достапни во локалните мини маркети. Некои Индонезијци прашуваат зошто земјата е толку зависна од масло за готвење, вклучувајќи ја и поранешната индонезиска претседателка Мегавати Соекарнопутри. - Проблемот не е дека маслото за готвење е скапо. Запрев да размислам, дали дамите ја пржат својата храна секој ден? До таму, што, тие се тепаат за масло за готвење?, изјави таа минатиот месец. Таа ја даде изјавата за време на настан за заостанување во детството. - Нема ли начин да се вари, или на пареа, или да се направи рујак (овошна салата во Индонезија)? Станува збор за индонезиски оброци. Зошто луѓето комплицираат? За да ја докаже својата поента, партијата на Сеокарнопутри, Индонезиската Демократска Партија на борбата, неколку дена подоцна одржа презентација за готвење во Џакарта, за време на која готвачите приготвуваа варени јадења, храна на пареа, како и печени јадења, додека во позадина се слушаа снимки од поранешната претседателка, која даваше готвачки совети за исхрана. Активистката Сијаган се согласи со тоа дека Индонезија станала многу зависна од маслото за готвење. - Ако сме зависни од еден производ толку многу, стануваме ранливи, со давање пари нема да се реши сложениот проблем околу сектор во економијата што е доминиран од приватни компании. Потребна е интервенција, смета таа. бд/ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан