• недела, 24 ноември 2024

Давос ги пречекува светските лидери на Светскиот економски форум со ново лице, без снег

Давос ги пречекува светските лидери на Светскиот економски форум со ново лице, без снег
21 мај 2022 Ројтерс Политичката и деловна елита што викендов пристигнува на годинешниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, швајцарскиот ски центар и највисок град во Европа, наместо опрема за скијање, ќе донесе сандали. Самитот во Давос вообичаено се одржува во јануари, но, пандемијата ги натера организаторите годинава да го преместат во мај. Продолжување на настанот, по двегодишна пауза, е добра вест за локалното население, кое, како што покажа студија од 2017 година, од секој одржан форум, остварува добивка во висина од 60 милиони долари. - Сите жители се многу среќни што се враќа Светскиот економски форум. Тоа е следниот чекор кон враќање во нормала, изјави Самуел Розенаст, портпарол на локалната туристичка заедница. Пандемијата затвори хотели и ресторани во Давос, чиј свеж воздух и сончева светлина поттикнаа формирање центри за лекување прикажани во делото на германскиот романсиер Томас Ман, „Волшебната планина“. - Целата конгресна работа беше мртва, додаде Розенаст, појаснувајќи дека конференцискиот центар во Давос е затворен повеќе од една година. Градежните екипи ги завршуваат привремените објекти и содржини за политичката и деловна елита, што доаѓа на конференцијата од 22 до 26 мај. Војниците креваат безбедносни огради. Швајцарската Влада ќе распореди дури 5.000 воен персонал за поддршка на локалната полиција. Авионите на воздухопловните сили повторно ќе кружат за да воспостават зона на забранети летови. Светскиот економски форум, со седиште во Женева, наведува дека на состанокот ќе бидат над 2.000  лидери и експерти од целиот свет, нешто помалку од претходните форуми. Поради војната во Украина, не беа поканети ниту владини, ниту корпоративни моќници од Русија. Темите на дневниот ред вклучуваат закпренување од пандемијата, борба против климатските промени, иднината на работењето, забрзување на капитализмот на засегнатите страни, како и користење нови технологии. Свеа Мејер, која го води кафулето „Kaffee Klatsch“ во Давос и се грижи за клиентите на состанокот, се радува на бизнисот во мај, инаку мирен период, меѓу завршетокот на скијачката сезона и почетокот на летната. - Ова за нас е голема шанса и ние сме среќни што ќе видиме многу клиенти од Светскиот економски форум, кои не сме ги виделе изминатите две години. Подобро е да го имаме сега, на пролет, отколку да не го имаме воопшто, изјави таа. Мејер ја гледа светлата страна на покажувањето потопло лице на место, попознато по зимските спортови. - Не треба да чистиме снег, заврши Мејер. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан