• сабота, 23 ноември 2024

Г. Стефан до патријархот Вартоломеј: Ви благодарам за честа и за срдечната љубов со која нè прегрнавте

Г. Стефан до патријархот Вартоломеј: Ви благодарам за честа и за срдечната љубов со која нè прегрнавте
Истанбул, 10 јуни 2022 (МИА) - Во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија посветен на „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул, претпладнево се одржа празнична Божествена литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх Вартоломеј, на која молитвено присуство имаа и архиепископот охридски г. Стефан, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, митополитот преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископот хераклејски Климент и епископот антаниски Партениј. Во своето обраќање кон вселенскиот патријарх Вартоломеј, архиепископот Стефан му се заблагодари прифаќање на нашето апелациско прибегнување и за востановувањето на литургиското општење со нашата Црква. - Како првојерарх на Охридскиот престол, од името на свештениот Синод, на свештенојерархијата, на монаштвото и на верниот народ, како и од свое име, со преполно срце на уважување и почит, уште еднаш Ви благодарам за честа со која нè удостоивте и за срдечната љубов со која нè прегрнавте – соопштувајќи ни го благопријатниот Ваш суд за нашето апелациско прибегнување: востановувањето на литургиското општење со Вас и, преку Вас, со полнотата на Православната Црква, истакна архиепископт Стефан. Сега е јасно, додаде г. Стефан, колку Вашето добротворство за нашата Охридска Архиепископија, се покажа, всушност, како Ваш најнов принос пред Сељубивиот Бог – како долично дело за таткото на Православните. - А ние, скромните Ваши чеда, можеме да Му заблагодариме на Бога, покрај за споменатата милост, ете - и за тоа што сме удостоени да бидеме современици на Вашата личност и на Вашите дела за доброто на Црквата и што ја имаме можноста да се радуваме и да се утешуваме од Вашиот подвиг на „добро стоење“, на автентично последување и себепрегорно, дури до мачеништво, исповедање на канонскиот и свештен поредок на Православната Црква, рече меѓу другото архепископот Стефан. На крајот од богослужбата, епископот антаниски Партениј со неговото братство и сестринство, на вселенскиот патријарх Вартоломеј му подари архиерејска панагија во чест на неговиот именден и во знак на благодарност за признавањето на Охридската Архиепископија. Храмот „Св. Георгиј Победоносец“ за литургијата беше исполнет со голем број на гости, меѓу кои многумина од земјава, кои допатува во Истанбул по повод значајните настани кои деновиве се случуваат во древниот Фанар. Дел од нив благодарејќи и со цвеќе во рацете на патријархот Вартоломеј му го честитатаа именденот. Денешната богослужба се одржа по вчерашното предавање на патријархот Вартоломеј на архиепископ Стефан на Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со кој се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква. Патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан в недела на роденденот на Црквата - празникот Педесетница, во храмот на Вселенската Патријаршија во Фанар ќе одржат заедничка патријаршиска и синодална света литургија. сп/

Остани поврзан