• понеделник, 24 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Гутереш ја поздрави арапската иницијатива за повоената обнова на Газа

Гутереш ја поздрави арапската иницијатива за повоената обнова на Газа

Каиро, 4 март 2025 (МИА) - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска изјави дека ја поддржува иницијативата на арапските земји за собирање поддршка за повоената обнова на Појасот Газа.

Британските медиуми пренесуваат дека Гутереш повика на продолжување на преговорите за прекин на огнот во Газа без одлагање и изрази загриженост поради ескалацијата на израелското насилство на окупираниот Западен Брег.

Претходно денеска лидерите на арапските земји кои учествуваа на самитот во Каиро го прифатија египетскиот план за иднината на Појасот Газа и ја повикаа меѓународната заедница и финансиските институции да го поддржат што е можно поскоро.

На самитот Египет го претстави својот план за Газа, со кој ќе се маргинализира Хамас и ќе се создадат привремени власти под управа на арапските, муслиманските и западните држави.

Според планот, вкупните трошоци за реконструкција би изнесувале 53 милијарди долари, а за обнова на палестинската енклава би биле потребни околу пет години.

Планот на Египет предвидува формирање мисија за помош на власта, која ќе го замени владеењето на Хамас во Газа на неодреден временски период, со задача да обезбеди хуманитарна помош и да започне реконструкција, се наведува во нацрт документот.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан