• четврток, 26 декември 2024

Гутереш уште еднаш повика на решение со две држави, Нетанјаху повторно одбива

Гутереш уште еднаш повика на решение со две држави, Нетанјаху повторно одбива

Њујорк, 21 јануари 2024 (МИА) - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го повтори својот повик за решение со две држави, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш ја отфрли идејата за суверена палестинска држава.

-Правото на палестинскиот народ да изгради сопствена држава мора да биде признаено од сите, рече Гутереш во Кампала на самитот на Движењето на неврзаните - земји кои останаа неутрални за време на Студената војна.

„Отфрлањето на решението за две држави за Израелците и Палестинците и негирањето на правото на држава на палестинскиот народ е неприфатливо“, посочи тој.

Гутереш додава дека отфрлањето на решението со две држави го продолжува конфликтот што стана глобална закана за мирот и безбедноста, придонесува за поларизација и го зајакнува екстремизмот насекаде.

Тој ги повтори повиците за итен прекин на огнот во борбите меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа.

Нетанјаху уште еднаш ја отфрли идејата за независна палестинска држава откако ќе заврши војната во Газа.

-Нема да се согласам на компромис во поглед на потполна израелска контрола врз целата област западно од Јордан - а тоа е против палестинската држава, рече израелскиот премиер синоќа, повторувајќи го својот став дека секое решение во иднина мора да ја вклучи израелската воена контрола втз целиот Западен Брег. 

И САД, важниот сојузник на Израел на Блискиот Исток, исто така, се залагаат за решение со две држави. сд/

фото:МИА архива

 

Остани поврзан