• среда, 25 декември 2024

Гутереш со предупредување до Г20: Климатската криза достигна критична точка

Гутереш со предупредување до Г20: Климатската криза достигна критична точка

Рио де Жанеиро, 19 ноември 2024 (МИА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска упати остар апел до Г20, повикувајќи ги најголемите економии во светот да преземат водечка улога во решавањето на сè поинтензивната климатска криза.

Говорејќи на самитот во Рио де Жанеиро, Гутереш предупреди: Нашата клима е на работ на колапс. Доколку не го ограничиме порастот на глобалната температура на 1,5 степени Целзиусови, спирални катастрофи ќе ги уништат сите економии.

Тој посочи дека актуелните политики водат кон повеќе од 3 степени затоплување, што го нарече „катастрофа,“ и ги повика државите да ја достигнат целта од 1,5 степени преку забрзување на намалувањето на емисиите.

- Мораме да ги намалиме глобалните емисии за девет проценти секоја година во оваа деценија, нагласи тој.

Генералниот секретар со загриженост истакна дека емисиите и понатаму се зголемуваат.

- Мораме да ја забрзаме правичната транзиција од фосилни горива кон обновливи извори на енергија, рече Гутереш, посочувајќи дека обновливите извори се веќе „најевтиниот извор за нова електрична енергија речиси насекаде.“

- Крајот на ерата на фосилните горива е неизбежен. Ајде да се осигураме дека тој крај нема да дојде предоцна – и дека ќе дојде правично, додаде тој.

Шефот на Светската организација ја истакна огромната улога на земјите од Г20, кои се одговорни за 80 отсто од глобалните емисии.

Тој ги повика сите членки на Г20 да осигурат дека нивните ажурирани климатски планови се усогласени со целта од 1,5 степени.

- Плановите на секоја земја мора да бидат усогласени со 1,5 степени – со недвосмислени, апсолутни цели за намалување на емисиите до 2030 и 2035 година, рече Гутереш.

Тој ја нагласи потребата плановите да „опфаќаат цела економија, сите сектори и сите стакленички гасови“ и да придонесат кон глобалните цели за „триплирање на капацитетите за обновливи извори, удвојување на енергетската ефикасност и запирање на уништувањето на шумите – сето тоа до 2030 година.“

Во пресрет на КОП29 во Баку, Гутереш ги повика лидерите на Г20 да обезбедат нова и амбициозна цел за климатско финансирање.

- Неуспехот не е опција, предупреди тој, додавајќи дека тоа може да ги поткопа напорите за подготовка на национални планови со високи амбиции за климата и да доведе до неповратни пресвртни точки.

Тој нагласи дека целта мора да ги задоволи потребите на земјите во развој, почнувајќи со зголемување на концесионалните јавни фондови.

„Зачувувањето на Амазонија е одличен пример,“ рече Гутереш, предупредувајќи дека неадекватното финансирање ќе го загрози успехот и на КОП30 во Бразил. ссм/

фото: архива

Остани поврзан