• петок, 20 декември 2024

Гутереш: Отфрлањето на решението за две држави од страна на Израел е неприфатливо

Гутереш: Отфрлањето на решението за две држави од страна на Израел е неприфатливо

Њујорк, 23 јануари 2024 (МИА) – Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека е неприфатливо тоа што израелската влада го отфрла решението за две држави.

- Неприфатливо е последователно отфрлање на решението за две држави на највисоко ниво на израелската влада, рече Гутереш на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации за ситуацијата во Појасот Газа.

Тој побара итно и безусловно ослободување на сите заложници кои ги држи палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа.

Тој посочи дека ништо не може да го оправда „намерното убивање, ранување или киднапирање на цивили“, како и сексуалното насилство и неселективно лансирање ракети кон нив.

Гутереш изјави дека Израел предлага двомесечна пауза во борбите во замена за „постепено ослободување“ на преостанатите заложници во Газа, објавено е на веб-страницата на ОН.

- Ќе продолжам, со ограничени капацитети, да вложувам максимални напори да придонесам за нивно ослободување, рече генералниот секретар на ОН.

Тој наведе дека целото население на Газа трпи „уништување од размери и брзина без преседан во поновата историја“ и нагласи дека ништо не може да го оправда колективното казнување на палестинскиот народ.

Гутереш го повтори апелот за итно ослободување на заложниците и хуманитарен прекин на огнот.

- Ова ќе обезбеди доволно помош да стигне таму каде што е потребна, ќе го олесни ослободувањето на заложниците и ќе помогне да се намалат тензиите на Блискиот Исток, рече генералниот секретар на ОН. јт/

Фото: ОН

Остани поврзан