• сабота, 28 декември 2024

Гутереш: Новата рамка за дијалог меѓу Косово и Србија може да доведе до долгорочни решенија

Гутереш: Новата рамка за дијалог меѓу Косово и Србија може да доведе до долгорочни решенија

Белград, 26 април 2023 (МИА/БТА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во новиот извештај за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК) го поздрави постигнувањето на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со оценка дека новата рамка за дијалог има потенцијал за унапредување на процесот кон постигнување долгорочни решенија. 

Во извештајот за периодот од 16 септември 2022 до 18 март 2023 година, за кој утре во Њујорк ќе расправа Советот за безбедност на Обединетите нации, Гутереш наведе дека ќе биде неопходен конструктивен ангажман во сеопфатното спроведување на Договорот за да се зачува стабилноста и да се спречи обновување на тензиите и судирите, пренесе Бета. 

Тој изјави дека поттикнува поголемо вклучување на жените, младите и другите чинители на граѓанското општество во процесите поврзани со нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина. 

„Страните целосно се обврзаа да ги почитуваат сите членови од Договорот и да ги исполнат сите обврски на целисходен начин и со добра волја. Тоа е особено важно бидејќи случувањата во тој период предизвикаа тензии до ниво на криза, резултирајќи со најсериозно назадување од почетокот на процесот на дијалог во 2011 година“, напиша Гутереш. 

Во извештајот, кој на утрешната седница ќе го претстави шефицата на УНМИК, Каролин Зиаде, Гутереш додаде дека „засилената и запалива реторика од сите страни, поставувањето блокади на патиштата, повеќекратните безбедносни инциденти и протестите на северот на Косово го зголемуваат ризикот од насилство“. 

„Сите страни треба да покажат воздржаност и да обезбедат дека сите спорови се решаваат по мирен пат преку дијалог, а не со ескалација“, напиша Гутереш. 

Во извештајот, кој не ги вклучува минатонеделните локални избори во четири општини на северот на Косово, Гутереш наведе дека натамошниот напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина е „клучен за создавање услови за враќање на претставниците на косовските Срби во косовските институции на северот на Косово“. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан