• среда, 25 декември 2024

Гутереш го осуди насилното преземање на власта во Гвинеја

Гутереш го осуди насилното преземање на власта во Гвинеја
Њујорк, 5 септември 2021 (МИА) - Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш денеска остро го осуди преземањето на власта со оружје во Гвинеја, додека офицери на гвинејските специјални сили тврдат дека го заробиле претседателот Алфа Конде, го суспендирале Уставот и ја распуштиле Владата. Гутереш на Твитер повика „на итно ослободување на претседателот Алфа Конде“, додавајќи оти внимателно ја следи ситуацијата во Гвинеја. На социјалните мрежи се појавија видео-снимки, чија автенточност се уште не е потврдена, се гледа како претседателот Алфа Конде во својата спална соба е опкружен од припадниците на специјалните воени сили. Но, Министерството за одбрана соопшти дека нападот врз претседателската палата е одбиен. - Претседателската стража, поддржана од одбранбените и безбедносните сили го одбиja нападот… продолжуваат безбедносните операции за воспоставување ред и мир, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана. Претходно,  побунетите припадници на армијата на Гвинеја во краткото обраќање на државната телевизија изјавија дека го суспендираа Уставот и ја распуштија Владата. Немирите во Конакри почнаа утрово откако се слушаа истрели во близина на претседателската палата, а на улиците на главниот град на Гвинеја беше распоредена армијата. Според неименувани извори зад немирите стои елитната воена единица, предводена од поранешниот француски легионар Мамади Думбија. Во октомври минатата година 83-годишниот Алфа Конде третпат победи на претседателските, кои беа обележани со насилни протести, во кои беа убиени десетици луѓе. Конде е на власт од 2010 година, а во 2011 година преживеа обид за атентат. Гвинеја е поранешна француска колонија, која со внатрешна самоуправа се стекна во 1956 година, а од 1958 е независна. ми/

Остани поврзан