• сабота, 23 ноември 2024

Гутереш: Говорот на омраза е показател за дискриминација, злоупотреба, конфликти и злосторства против човештвото

Гутереш: Говорот на омраза е показател за дискриминација, злоупотреба, конфликти и злосторства против човештвото

Њујорк, 18 јуни 2024 (МИА) – Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, денеска по повод Меѓународниот ден на борбата против омразата, истакна дека говорот на омраза е показател за дискриминација, злоупотреба, насилство, конфликти и злосторства против човештвото.

- Видовме како се одвиваше од нацистичка Германија до Руанда, Босна и пошироко. Нема прифатливо ниво на говор на омраза. Сите мораме да работиме на негово целосно искоренување, посочи Гутереш.

Тој додаде дека изминатите месеци зголемен е антисемитскиот и антимуслиманскиот говор на омраза на интернет и во јавните обраќања на влијателни лидери.

- Говорот на омраза може да биде насочен против жените, бегалците, мигрантите, родово различните и трансродовите луѓе, како и малцинствата, истакна генералниот секретар на ОН.

Гутереш потенцира дека државите имаат обврска според меѓународното право да спречат и да се борат против поттикнување омраза, како и да промовираат различност, меѓусебно разбирање и солидарност.

Според генералниот секретар на ОН, најпогодени од говорот на омраза, особено на интернет, се младите луѓе кои мора да бидат и дел од решението. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан