• четврток, 26 декември 2024

Гутереш: Газа се претвора во гробишта за деца, има итна потреба од решение и хуманитарен прекин на огнот

Гутереш: Газа се претвора во гробишта за деца, има итна потреба од решение и хуманитарен прекин на огнот

Њујорк, 6 ноември 2023 (МИА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска рече дека ситуацијата во Газа претставува „криза на човештвото“ и дека палестинската енклава брзо „станува гробишта за деца“, јави Би-Би-Си.

„Стотици девојчиња и момчиња се убиени или повредени секој ден“, рече на прес-конференција Гутереш.

Тој додаде дека конфликтот „го потресе светот“ и дека „уништува толку многу невини животи“.

Гутереш ја повтори својата осуда за „грозоморните терористички акти извршени од Хамас на 7 октомври“, велејќи дека неговите борци користеле цивили како „човечки штитови“ и продолжиле да го напаѓаат Израел.

„Ништо не може да го оправда намерното мачење, убивање, ранување и киднапирање цивили. Заштитата на цивилите мора да биде најважна“, рече тој.

Шефот на ОН, исто така, изрази загриженост поради „ескалацијата“ на непријателствата како резултат на војната меѓу Израел и Газа.

Тој ја повика меѓународната заедница да се справи со „ризиците од прелевање на конфликтот во поширокиот регион“.

„Веќе сме сведоци на спирала на ескалација од Либан и Сирија, до Ирак и Јемен“, додаде тој.

Гутереш смета дека има итна потреба од решение и повика на итен хуманитарен прекин на огнот. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан