• среда, 25 декември 2024

Гузман: Аргентина размислува за својот деветти банкрот

Гузман: Аргентина размислува за својот деветти банкрот
Вашингтон, 5 мај 2020 (МИА) - Министерот за економија на Аргантина, Мартин Гузман, изјави дека пратил предлог до владата да ја разгледа можноста за деветтиот по ред банкрот во историјата на земјата, трет во изминатите две децении, јави денеска весникот „Фајненшел тајмс“. Според Гузман, државата може да објави банкрот ако кредиторите не се согласат на омекнување на условите за исплата на долговите на Аргентина. Државата е должна повеќе од 65 милијарди долари на група приватни кредитори и неодамна владата им предложи план за реструктуризација на долгот. Планот предвидува стопирање на ратите за исплата на долгот во рок од три години, продолжување на роковите за исплата до 2030-те години, отпишување на 62 проценти од вкупниот долг (околу 38 милијарди долари) и 5.4 проценти од главнината (3.6 милијарди долари). Рокот за постигнување договор истекува на 8 мај, а следната исплата на ратите е на 22 мај. Инвестициските фондови BlackRock, Fidelity и T Rowe ги одбија ваквите услови за реструктуризација на долгот на Аргентина. Гузман од своја страна изјави дека земјата бара „компромис и отстапки“. Според него, кредиторите на чело со BlackRock понудиле контра предлог за омекнување на условите за исплата, но тој не е прифатлив за Аргентина, затоа што не дава такво “олабавување што е неопходно земјата да продолжи со одржливост во однос на задолженоста“. Експертите сметаат дека ако Аргентина повторно банкротира, тоа ќе биде разурнувачко за нејзината економија. кб/сд/

Остани поврзан