• среда, 25 декември 2024

„Гугл“ ја отстрани новата видеоигра каде што „се купуваат и продаваат“ робови црнци

„Гугл“ ја отстрани новата видеоигра каде што „се купуваат и продаваат“ робови црнци

Лос Анџелес, 26 мај 2023 (МИА) - Видеоиграта „Slavery Simulator“, каде што играчите можат „да купуваат и продаваат“ поробени црнци, е отстранета од виртуелната продавница на „Гугл“, по бранот критики од бразилските корисници на социјалните мрежи, пренесува Си-ен-ен.

Апликацијата, развиена од „Магнус гејмс“ (Magnus Games), е поставена на „Гугл плеј-стор“ на 20 април и била преземена повеќе од илјада пати пред да биде отстранета завчера. Инаку, бразилското Јавно обвинителство отвори истрага за причините зошто играта воопшто се нашла на интернет, се вели во нивното соопштение, барајќи конкретни информации за играта, со оглед на „многуте расистички коментари“ околу неа.

Компанијата „Магнус гејмс“ нагласи дека „играта е создадена исклучиво за забавни цели“.

„Нашето студио го осудува ропството во кој било облик. Целата содржина на играта е измислена и не е поврзана со конкретни историски настани“, се тврди во соопштението од компанијата-создавач.

„Станете богат робовладетел или постигнете укинување на робовладетелството“, „Користете ги робовите за сопствено збогатување. Спречете го укинувањето на ропството и акумулирајте богатство“, „Ви требаат чувари! Имате робови, но никој не ги чува. Без чувари, робовите ќе побегнат или ќе се побунат. Ангажирајте борци. Обично 1 чувар е доволен за 30 робови“, се само делови од описот на контроверзната игра.

„Гугл“ во своја одбрана соопшти дека имаат цврсто поставени правила, создадени за да ги заштитат корисниците, до коишто сите програмери мора да се придржуваат.

„Не дозволуваме апликации кои промовираат насилство или поттикнуваат омраза против поединци или групи врз основа на расно или етничко потекло, или кои прикажуваат или промовираат слободно насилство или други опасни активности. Секој што верува дека нашол апликација што ги прекршува нашите правила може да поднесе пријава. Кога ќе идентификуваме прекршување на правилата, преземаме соодветни мерки“, појаснува „Гугл“.

Играта беше означена како „содржина погодна за сите возрасти“, со оцена со четири ѕвезди.  си/

Фото: Си-ен-ен, слика од екранот

Остани поврзан