• среда, 25 декември 2024

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишното генерално собрание на БИС

Гувернерката Ангеловска-Бежоска на Годишното генерално собрание на БИС

Скопје, 2 јули 2024 (МИА) - Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во рамките на Годишното собрание на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), присуствуваше на средбата на жените гувернери и заменици на гувернери на која се сретна со гувернерката на централната банка на Норвешка и заменик-гувернерките на Канада, Финска и Турција. 

На средбата, информираат од Народната банка (НБ), беше истакнато дека и натаму е потребна внимателност иако минатата година инфлацијата бележеше надолен тренд, а финансиската стабилност беше задржана. 

Ангеловска-Бежоска заедно со вицегувернерката Ана Митреска, разговараше и со гувернерот на централната банка на Италија, во врска со напредокот во пристапувањето кон СЕПА, но и за можноста за приклучување кон платежниот систем ТИПС на Европската централна банка, што може да обезбеди бројни придобивки во платежната сфера за нашите граѓани и компаниите. 

На Собранието на БИС беа разгледани и усвоени најновиот Годишен извештај за работата на БИС и Годишниот економски извештај. 

-Во Извештајот се нагласува дека политиките на централните банки ги ублажија последиците од кризите и овозможија задржување на стабилноста во економиите. Како приоритет на краток рок се нагласува потребата од задржување на ценовната стабилност, како и внимателноста при олабавувањето на монетарната политика. На долг рок, потребни се политики коишто ќе обезбедат финансиска и макроекономска стабилност, како и јакнење на фискалните позиции. Во рамките на структурните реформи за јакнење на економскиот потенцијал, се истакнува важноста од иновациите во дигиталната сфера во финансискиот систем, посочуваат од НБ.

Во рамките на Годишното собрание, како што велат, имаше и панел-дискусии каде што беа обработувани актуелните теми и предизвици со кои се соочува централнобанкарската заедница. 

-Така, на Конференцијата се зборуваше за геополитичките движења и нивниот одраз врз макроекономијата, како и за нивното влијание врз инфлациските притисоци и монетарната политика. Исто така, беа разгледани и можностите и ризиците коишто ги носи дигиталната трансформација и употребата на вештачката интелигенција во работењето на  централните банки, како и важноста од инвестициите во зелени финансии, прецизираат од НБ.

Средбите во рамките на Годишното собрание на БИС, посочуваат, се од исклучително значење за справувањето со тековните предизвици, но и за подготовка за идните трендови во монетарната сфера, имајќи ја предвид улогата на БИС како банка на централните банки, како и улогата на меѓународната соработка за поддршка на монетарната и финансиската стабилност. Во тој контекст, гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Митреска остварија и бројни билатерални средби со повеќе свои колеги од централните банки членки на БИС.

Народната банка е полноправна членка на БИС со уште шеесет и две централни банки и монетарни власти од светот, коишто учествуваат и имаат право на глас на Генералното собрание.вј/аа/

Фото: НБ

Остани поврзан