• четврток, 26 декември 2024

Грчкото Обвинителство со одредба до лекарите да се спаси животот на затвореникот Куфодинас  

Грчкото Обвинителство со одредба до лекарите да се спаси животот на затвореникот Куфодинас  
Атина, 24 февруари 2021 (МИА) – Обвинителството во грчкиот град Ламија издаде наредба до надлежните лекари да му пружат секаква медицинска помош на осудениот терорист од организацијата „17 ноември“, Димитрис Куфодинас за да се спаси неговиот живот по 48 дена штрајк со глад и два дена одбивање да прима течности, јави дописничката на МИА од Атина. Според медиумите во Грција, одредбата е издадена по претходно барање на лекарите, откако Куфодинас одбил секаква помош. Еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември“, кој е осуден на 11 доживотни казни, на 8 јануари почна штрајк со глад и бара да биде префрлен во затворот „Коридалос“ во Атина. Откако му се влоши состојбата беше пренесен во болница, а од минатата седмица е на Одделението за интензивна нега. Адвокати и правни лица во Грција вчера почнаа со собирање потписи и апел да се спаси животот на Куфодинас и велат дека „немаат право да молчат кога е во директна опасност животот на затвореник кој штрајкува со глад“ и додаваат дека е законско барањето на Куфодинас да биде префрлен во затворот во кој почна да ја издржува казната. -Владеењето на правото важи за сите, не е „a la carte“. Доколку Владата остане на нејзиниот бескомпромисен став ќе значи ирационално наметнување смртна казна од извршната власт, која во грчкиот правен систем е укината и последен пат е спроведена во 1972 година од страна на Хунтата, пишуваат адвокатите во текстот потпишан од над 800 лица и додаваат дека за Грција времето тече да смени став за да не се споменува во книгите заедно со земјите „каде што умираат затворениците штрајкувачи со глад“. Поддржувачи на Куфодинас, во знак на поддршка и солидарност, во изминатиот период одржаа низа протести во Грција, вчера фрлија летоци пред домот на грчката претседателка, завчера со бои и летоци ја нападнаа телевизијата „Αction24“, испишаа слогани пред политичката канцеларија на министерката за образование, а минатиот четврток упаднаа и во Министерството за здравство. ср/сд/

Остани поврзан