• сабота, 23 ноември 2024

Грчкото  #MeToo главна тема на средбата Сакеларопулу – Мицотакис

Грчкото  #MeToo главна тема на средбата Сакеларопулу – Мицотакис
Атина, 19 февруари 2021 (МИА) – По јавната исповед и сведоштвото на поранешната грчка олимписка шампионка Софиа Бекатору, следеа низа исповеди на познати личности во Грција, особено меѓу актерите кои во минатото биле жртви на сексуално насилство и сексуално вознемирување, а грчкото  #MeToo беше главната тема на денешната средба на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и претседателката Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина. -Во изминатиот месец беше прекинат молкот со шокантните откритија во рамките на феноменот што го нарекуваме #MeToo. Појави на авторитарно насилство, пред сѐ врз жени, но не само врз нив, нешто што верувам дека нè шокираше и нè потресе сите нас. Некои луѓе со нивниот глас го прекинаа молкот. Дојде време, да преземеме активности во врска со овие обвинувања, рече Мицотакис. Додаде дека проблемот, особено со сексуалната злоупотреба на малолетни лица, не е само правен, туку е многу поширок и посложен за кој треба сите да бидат обединети. Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу рече дека со голема загриженост и жал го следи она што се случува, особено меѓу уметниците. -Злоупотреба на моќта, насилството, вербално и физичко, без оглед дали е на работно место, во образованието, во личните или семејни односи, не може да се толерираат, истакна Сакеларопулу. Директорот на Националниот театар на Грција, актерот и режисер Димитрис Лигнадис пред две седмици си поднесе оставка откако неговото име се споменуваше во сведоштвата на актерите, додека пак две од жртвите веќе поднесоа пријави. Министерката за култура на Грција Лина Мендони, за целиот случај одржа прес конференција и рече дека Лигнадис „е опасен човек“, кој со актерската умешност ги измамил сите и лично неа. Паралелно, утрово до Обвинителството доставила пријава и запис со барање за целосно расчистување на случајот. Освен за актерот и режисерот, а сега веќе, поранешен директор на Националниот театар Димитрис Лигнадис, во изминатиот период во Грција, во медиумите постоеја сведоштва на актери кои биле жртви на сексуално вознемирување од нивни колеги и режисери. ср/сд/

Остани поврзан