• среда, 18 декември 2024

Грчки медиуми: Мицкоски трипати ја нарече неговата земја „Македонија“

Грчки медиуми: Мицкоски трипати ја нарече неговата земја „Македонија“

Атина, 22 јуни 2024 (МИА) – На употребата на името Македонија и тоа како што пишуваат „трипати“, грчките медиуми го ставаат акцентот во текстовите за говорот во Собранието на мандатарот за нова Влада Христијан Мицкоски, а дел од информативните портали коментираат дека станува збор за „нова провокација“, јави дописничката на МИА од Атина.

Онлајн изданијата на медиумите, во главно ја пренесуваат веста од грчката новинска агенција АНА-МПА што е под наслов „Северна Македонија: Христијан Мицкоски ја нарече земјата „Македонија“ во експозето како мандатар за неговата Влада“, а во текстот е објаснето дека во Собранието започна дводневната седница за избор на Владата „која ќе ја води десничарското ВМРО-ДПМНЕ со премиер, лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски“.

-Идниот премиер Христијан Мицкоски при експозето за програмата на Владата што ќе ја предводи, земјата, и тоа трипати ја нарече „Македонија“, без да го користи уставното име на државата, пишува АНА-МПА, а се осврнува и на делот за надворешната политика, пренесувајќи дека Мицкоски „ја повтори поддршката на неговата земја за Украина, а спомена дека неговата влада ќе негува односи на соработка со соседните земји“.

Грчката новинска агенција потсетува на неодамнешната изјава на Мицкоски дека „на инаугурацијата на неговата влада ќе го користи уставното име на државата“.

Конкретниот текст го презедоа останатите медиуми во Грција, кој го пренесуваат под различни наслови: „Нова провокација од Мицкоски: Повторно говореше за Македонија“; „Нова провокација: Премиерот Мицкоски трипати ја нарече „Македонија“ неговата земја“; „Одново провоцира Мицкоски: Повторно земјата ја нарекува „Македонија“; „Мицкоски: Три пати ја нарече неговата земја „Македонија“ за време на говорот во Собранието“. ср/вг/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан