Грчките општини ќе добијат 50 милиони евра за противпожарна заштита за 2026 година
- Министерството за внатрешни работи на Грција, надлежно за локалната самоуправа, одвои 50 милиони евра за општините во земјата за противпожарна заштита за 2026 година, износ што е за 25 отсто повисок во споредба со минатата година, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 17 март 2026 (МИА) - Министерството за внатрешни работи на Грција, надлежно за локалната самоуправа, одвои 50 милиони евра за општините во земјата за противпожарна заштита за 2026 година, износ што е за 25 отсто повисок во споредба со минатата година - јави дописничката на МИА од Атина.
Со одлука на министерот за внатрешни работи Тодорис Ливаниос, 332 грчки општини годинава ќе добијат средства во висина од 47.500.000 евра, а дополнително 2.500.000 евра им се доделуваат на здруженијата на општините, со цел средствата да се користат исклучиво за мерки за противпожарна заштита.
Како што информираа од Министерството, со овие средства општините може да финансираат мерки за спречување на опасноста од пожари, како што се: превентивно чистење на вегетацијата во подрачја од посебна заштита (шуми, паркови); отстранување на остатоците од чистење на вегетацијата од сопственици, закупци итн.; придонес на општините во одржување и унапредување на шумската патна мрежа во соработка со локалните шумски служби; спроведување превентивни мерки за спречување пожари од диви депонии; зајакнување на волонтерските активности; набавка на опрема, како и покривање на оперативните трошоци.
Според надлежното Министерство, од 2019 година, кога биле одвоени 18,4 милиони евра, средствата за општините постепено се зголемуваат, лани биле 40 милиони, а оваа година 50 милиони евра. ср/сд/
Фото: Архива МИА