• сабота, 23 ноември 2024

Грчка крајбрежна служба: Турски патролен брод со опасни маневри се обиде да оштети грчки патролен брод кај Самос

Грчка крајбрежна служба: Турски патролен брод со опасни маневри се обиде да оштети грчки патролен брод кај Самос
Атина, 1 ноември 2022 (МИА) - Во спасувачката акција што од вчера е во тек во морскиот дел во близина на грчкиот остров Самос пронајдено е беживотното тело една лице, а од крајбрежната служба на Грција соопштија дека турски патролен брод со опасни маневри се обидел да оштети грчки патролен брод кој учествува во потрагата, јави дописничката на МИА од Атина. Според крајбрежната служба, за време на акцијата во морскиот дел на 3,8 наутички милји јужно од Самос, што ја води Заедничкиот координативен центар за потрага и спасување (ЕКСЕД), рано утрово, брод што плови под странско знаме, кој ЕКСЕД го обврзал да учествува во акцијата, го открил телото на мигрантот во  грчките територијални води и информирал турски патролен брод да го преземе. -Во продолжение, турскиот патролен брод, кој пловеше во близина, навлезе во зоната за потрага и спасување во надлежност на грчките власти и во грчките територијални води и изврши опасни маневри против патролниот брод на грчката крајбрежната служба.  При процесот на прибирање на телото и кога патролниот брод на крајбрежнта служба се доближи до турскиот патролен брод со цел да му укаже дека ги наруши грчките територијални води, турскиот патролен брод се обиде да го оштети патролниот брод на грчката крајбрежна служба, а во исто време покажа и оружје, соопштија од крајбрежната служба на Грција. Додаваат дека конкретниот турски брод не пружил никаква значителна помош во потрагата, ниту информирал за неговото присуство, а со движењата ја отежнал работата на грчката крајбрежна служба и на Фронтекс. Паралелно од грчката крајбрежна служба објавија и видео од инцидентот, за кој посочија дека се случил во присуство на италијански брод од Фронтекс, кој го снимил инцидентот и ќе ја извести организацијата.

Спасувачката акција започна вчера откако се преврте чамец со 12 мигранти, четири лица беа спасени, а потрагата во која учествуваат патролни бродови и авион на грчката крајбрежна служба, како и брод на Фронтекс, продолжува. ср/сд/

Остани поврзан