• среда, 13 ноември 2024

Грчката полиција разби криминални групи кои вршеле кражби во јавниот превоз и на туристички локации во Атина

Грчката полиција разби криминални групи кои вршеле кражби во јавниот превоз и на туристички локации во Атина

Атина, 4 април 2024 (МИА) – Ограбувале туристи и граѓани во јавниот превоз и на туристички локации во Атина; обивале автомобили; продавале дрога и пуштале во оптек фалсификувани банкноти, со што нелегално се стекнале со над 1,2 милиони евра – грчката полиција разби шест криминални банди, кои дејствувале во грчката метропола, а идентификувани се 237 членови, од кои 50 се веќе уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека во специјалната оперативна акција спроведена во понеделникот биле разбиени криминалните групи, а секоја од нив имала специјализирано поле на дејствување: две вршеле кражби во јавниот превоз и на туристички локации, една била активна во трговија со дрога, друга со фалсификувани банкноти, петтата вршела кражби од автомобили, а членовите на последната биле задолжени за чување на украдените предмети.

Едната подгрупа, која крадела во јавниот превоз и на туристички локации, биле 94 лица, главно со романско потекло, нивната цел биле паричници, мобилни телефони, патни исправи и други вредни предмети, а со слична активност била и подгрупата од 34 лица, главно со албанско потекло, која дејствувала на метро линијата од аеродромот до атинското пристаниште Пиреас, регион што бил единствено во нивна надлежност и доколку друга група сакала да краде на оваа линија морала да добие дозвола и да следи конкретна квота.

Друга група, вкупно 46 лица продавале дрога во центарот на Атина, додека пак други 19 лица, продавале фалсификувани банкноти и имале посебен ценовник: банкнотите од 100, 50 и 20 евра се набавувале за 30, 15 и 5 евра.

Петтата група од 19 членови, пред сè со арапско потекло обивале автомобили и краделе од внатрешноста, додека пак последната група, вкупно 24 лица ги координирала активностите на целата криминална мрежа и ги собирала украдените предмети.

Криминалната мрежа стои зад над 450 кражби на граѓани и туристи во јавниот превоз и на туристички локации, над 120 случаи на обиени автомобили и пуштање на над 1.500 фалсификувани банкноти.

Во рамки на акцијата полицијата извршила над 120 претреси во продавници, куќи и домови и меѓу другото, пронашла и запленила: 73.725 евра, 697 долари, банкарски чек во вредност од 14.000 евра, наркотични средства, оружје, осум автомобили и осум мотоцикли, 461 мобилни телефони, таблети, лаптопи и дронови, камери, 123 патни исправи, банкноти од различни земји, фалсификувани евра, часовници, накит и вредни предмети итн.

Според проценките на грчката полиција, незаконската економска придобивка на криминалните групи надминува 1.200.000 евра. ср/паг/

Фото: Грчка полиција

Остани поврзан