• сабота, 23 ноември 2024

Грчката полиција не најде ништо сомнително во авионот на Емирати што се врати во Атина

Грчката полиција не најде ништо сомнително во авионот на Емирати што се врати во Атина
Атина, 10 ноември 2022 (МИА) – Службите на грчката полиција по извршената проверка на сите патници, како и на авионот, не го пронашле лицето на кое се однесувале добиените информации, ниту пак пронашле  што било друго сомнително, соопштија од грчката полиција во врска со авионот на Емирати што се врати во атинскиот аеродром, јави дописничката на МИА од Атина. Кусо пред 22 часот по локално време, авионот што од Атина полета за Њујорк, слета на атинскиот аеродром, откако се врати додека леташе над Италија, по добиената информација за сомнителен патник. Од грчката полиција соопштија дека „во рамките на проверката на информациите поврзани со постоење на сомнително лице на еден од двата лета на позната компанија, планирано да полетаат во попладневните часови од меѓународниот аеродром во Атина, „Елефтериос Венизелос“, по одлука на Комисијата за безбедност на аеродромот беше дадена наредба за враќање на едниот лет, а другиот да не полета“. Според грчките медиуми, авионот, со 228 патници и 18 членови на екипажот, сè до слетувањето, го придружувале два грчки воени авиони Ф-16 кои полетале од базата Суда на Крит. Грчките власти, според медиумите, добиле информација од ЦИА дека во еден од двата планирани летови на Емирати можно е да постои сомнителен патник. Првиот лет Атина – Дубаи, сè уште бил на атинскиот аеродром, бил проверен, без да биде пронајдено нешто сомнително и полетал со задоцнување. Вториот лет, што од Атина попладнево полетал за Њујорк, додека летал над Италија добил наредба да се врати во Атина. ср/

Остани поврзан