• среда, 18 декември 2024

Грчката полиција не им дозволи на земјоделците да го блокираат граничниот премин Евзони-Богородица, сообраќајот се одвива регуларно

Грчката полиција не им дозволи на земјоделците да го блокираат граничниот премин Евзони-Богородица, сообраќајот се одвива регуларно

Атина, 14 февруари 2024 (МИА) – Грчката полиција не им дозволи на земјоделците да го затворат граничниот премин Евзони (Богородица) со Северна Македонија, кои со тракторите и пеш планираа вечерва, на два часа целосно да го блокираат сообраќајот, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите на МИА од надлежните, сообраќајот, како за автомобили, така и за товарни возила и за влез и за излез од Грција се одвива регуларно.

Новата блокада на граничниот премин беше закажана за вечерва од 19 до 21 часот по локално, односно од 18 до 20 часот по македонско време, а намерата на земјоделците беше да ги затворат сите точки за влез и излез од Грција на конкретниот граничен премин кон нашата земја.

Според грчката телевизија „Скај“, заедно со полицијата на границата пристигнал и обвинител за да ги информира земјоделците за евентуалните последици во случај да постават блокада.

Граничниот премин е отворен, а земјоделците, кои на Евзони се со нивните трактори, револт го изразија со палење пиротехнички средства.

Земјоделците од цела Грција во текот на денешниот ден одржуваат состаноци на кои ги информираат нивните колеги за вчерашната средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а за утре напладне е закажана заеднички состанок на сите земјоделци за да ги одредат нивните следни чекори.

Со оглед на тоа дека првичните реакции по разговорите со Мицотакис се дека не биле исполнети сите нивни барања, се поверојатно е дека ќе се интензивираат протестите и блокадите. ср/са/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан