• сабота, 23 ноември 2024

Грчката Влада одобри државна помош за погодените од пожарите

Грчката Влада одобри државна помош за погодените од пожарите
Атина, 10 август 2021 (МИА) – Пакет мерки со финансиска помош за уништените или оштетени домови и бизниси од катастрофалните пожари во изминатата седмица во Грција, одобри грчката Влада на денешната вонредна седница, јави дописничката на МИА од Атина. Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис соопшти помош до 150.000 евра за уништени или оштетени домови со итен аванс од 20.000, 15.000 или 5.000 евра во зависност од штетата на објектот. Истакна дека аваност веднаш ќе биде исплатен, откако претходно граѓаните чии домови изгореа или претрпеа штети, ќе се регистрираат на специјална интернет платформа што ќе се отвори следната седмица. За бизнисите погодени од пожарите обесштетувањето ќе биде 70 отсто од загубата, а 20 отсто ќе се даде во вид на аванс во висина од пет до 22 илјади евра во зависност од штетата. Дополнително, жителите и бизнисите погодени од пожарите се ослободени од данокот на сопственост на недвижнини, а се одложуваат сите даночни и кредитни обврски и паралелно ќе добијат субвенција за кирија во висина од 500 евра, се додека не се поправат нивните домови. Мицотакис објасни дека мерките што ги одобри Владата се на три нивоа. Првото се однесува на итно обесштетување на физичките и правните лица, второто е на обнова, чистење и пошумување, а третото на среднорочно и долгорочно планирање на продуктивната обнова, особено на Евија Паралелно истакна дека со законски акт, во рамките на Уставот, од утре, целата изгорена површина се прогласува за област што треба да се пошуми. Грчкиот премиер на владината седница се осврна и на предлозите кои претходно ги презентираше лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, велејќи дека за некои од предлозите тешко е да не се согласи и додаде дека дел од нив веќе се практикуваат. ср/ Фото: Димитрис Папамицос/Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан